За два месеци најавно воспоставување авиолинија Софија – Скопје


– За околу два месеци треба да биде воспоставена авиолинија од Софија до Скопје, најави бугарскиот премиер Кирил Петков, кој нагласува дека од сега натаму добрососедството меѓу Бугарија и Северна Македонија ќе се мери со конкретни реализирани чекори и цели, а не само преку политички изјави.


 

– Денеска јасно изјавуваме дека линијата Софија – Скопје ќе биде реалност. За она за што се ангажираме е дека за 30 дена ќе имаме точни специфики, а за 60 денови таа линија ќе биде воведена во функција. Така што, кога ќе почнеме да работиме со точни резултати ќе дадеме можност на народите од двете земји да можат слободно да патуваат, слободно да прават бизнис, рече Петков на прес-конференција по средбата со неговиот колега Димитар Ковачевски.

Многу сум среќен, додаде Петков, што можам да кажам дека оттука натаму добрососедството ќе се мери со реални постигнати цели и резултати.

– На ваков начин ќе им покажеме на двата народа од двете земји дека добрососедството се мери практично, не само на ниво на политички изјави, туку на ниво на реални резултати на бизнис и работа и на ниво на патување од Софија до Скопје за 20 минути, истакна бугарскиот премиер Петков.