Вториот и третиот пензиски столб во првите пет месеци од 2021 година остварија раст од 9%


МАПАС со порака до граѓаните – Информирај се навременo за својата пензија


 

 Во насока на навремено и соодветно информирање на јавноста за клучните аспекти поврзани со тростолбниот пензиски систем во РСМ, МАПАС и оваа година спроведува активности за информирање и едукација на граѓаните.  Преку овие активности МАПАС има за цел да ја подигне свеста особено кај младите кои сега стапуваат во работен однос за важноста од навремено информирање за придобивките и можностите, како и за правата и обврските на членовите на задолжителните и доброволните пензиски фондови.

Капитално финансираното пензиско осигурување во првите пет месеци од 2021 година оствари раст од 9%. Заклучно со мај 2021 година, нето средствата на задолжителните пензиски фондови изнесуваат околу 95 милијарди денари, додека нето средствата на доброволните пензиски фондови изнесуваат 2,5 милијарди денари. И бројот на членови во вториот столб се зголеми за 2% и сега изнесува околу 538 илјади, додека во третиот столб вкупниот број на членови во мај 2021, споредено со декември 2020 година, се зголеми за 2% и изнесува 26 илјади членови.

На 1.3.2021 почна со работа и третиот доброволен пензиски фонд – Триглав отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје, и сега капитално финансираното пензиско осигуурвање брои вкупно шест пензиски фондови, три задолжителни и три доброволни пензиски фондови.

Позитивните резултати се потврда за стабилноста на капитално финансираното пензиско осигурување кое е под супервизија на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС.

„Навистина сме горди што и успешно работиме во интерес на осигурениците. Постигнатите резултати нѐ охрабруваат да продолжиме со нашата цел – подигнување на свеста, особено на младите, за навремено информирање и носење одлука за својата пензија. Колку порано граѓаните се информираат и се вклучат во капитално финансираното пензиско осигурување, толку подобра иднина си обезбедуваат за мирни и стабилни пензиски денови“, истакна Максуд Али, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС.

Сите информации за членство во задолжителните и доброволните пензиски фондови, за регулативата и нејзините промени, како и за правата и обврските на членовите се достапни на интернет страницата www.penzija.mk

Капитално финансираното пензиско осигурување е вториот сегмент според големината на активата во рамки на финансискиот систем, веднаш по банкарскиот сектор во земјава и има значајна улога за финансиската стабилност на земјата.