Вработените во кочански „Пејпар мил“ нема да работат до април


Сите 120 вработени во фабриката за хартија „Пејпар мил“ од Кочани денеска добија писмени решенија дека работниот однос им продолжува, но до почетокот на април да не доаѓаат на работа.



За месеците додека не се ангажирани, работниците ќе добиваат редовни плати, намалени за 30 отсто.

-Во решенијата што ги добивме стои дека работниот однос не ни е прекинат, односно до 1 април ќе останеме дома, а ќе добиваме помала плата. Сметаме дека таквиот потег на менаџерскиот тим е добар, со оглед што нема да ни биде загрозена егзистенцијата. Добивме информација дека на работа ќе бидат повикувани само оние работници кои се неопходни за одржување на опремата во фабриката, но производствениот процес ќе остане запрен, истакнаа работниците кои дојдоа пред фабричкиот круг за да ги подигнат решенијата.

Во меѓувреме, додека работниците се на принуден одмор, во „Пејпар мил“ очекуваат да пристигне таканаречениот вреќест филтер, што ќе биде инсталиран на оџакот од системот за согорување пелети.

Претходно, Државниот инспекторат за животна средина издаде решение со кое од фабриката беше побарано за производствениот процес наместо пелети, да се користи метан, сè до обезбедување на филтерот и водење на процесот на начин на кој нема да се загадува воздухот во Кочани.