Во тек инспекциска контрола кај двајца увозници за сладоледите „сникерс“ и „твикс“ на „Дукатос“


АХВ: Високите температури опасност од труење со храна и за здравјето на животните - МИА

– Ќе бидат ли повлечени од македонскиот пазар сладоледите „сникерс“ и „твикс“ на производителот „Дукатос“, се очекува наскоро да соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).


 

Овие два вида сладоледи, како и овошниот јогурт со рибизла на „Дукатос“ веќе не може да се купат во Црна Гора, БиХ и Србија. Повлечени се од маркетите по сомнежот дека во нив има остатоци од пестицидот етилен оксид.

-Како контакт точка на Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) на Европската унија, во вторникот попладне добивме нотификација за увезени небезбедни кондиторски производи кои во својот состав содржат адитив со наод на етилен оксид. Станува збор за адитивот locust bean gum, велат од АХВ за МИА.

Согласно воспоставената процедура за постапување по добиената нотификација, инспекциските служби на АХВ вршат контрола кај двајца увозници.

-По спроведената инспекциска контрола ќе бидат утврдени количините и видовите увезени производи и ќе се дефинираат насоките за понатамошно дејствување, нагласуваат од Агенцијата за храна.

Сладоледите „сникерс“ и „твикс“ и овошниот јогурт со рибизла на „Дукатос“ најпрво беа повлечени во Хрватска, а потоа и во БиХ и Србија. Според српскиот министер за земјоделство, Бранислав Недимовиќ, некои земји, како Белгија, не ги сметаат ваквите производи за штетни и ги пуштаат во промет.

Доколку се утврди дека спорните производи се исправни, тие ќе бидат вратени на пазарот, велат од Агенцијата за храна на Црна Гора. Во спротивно, производите ќе бидат уништени за што јавноста ќе  биде информирана.