Во Штип од утре „Текстилијада“ под мотото „Плата за живот“


– Во Штип од утре почнува 6. „Текстилијада“ во организација на Здружението „Гласен Текстилец“.

 

 

Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“  на денешната прес-конференција истакна дека во наредните три дена, експерти од државата, но и од светско ниво, работодавачи и синдикати ќе дискутираат и ќе понудат знаење и можности како работниците да ја надминат кризата.

-Активностите утре ќе бидат во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“. Ќе почнеме со дебатата „Иглата ја храни иднината“ на која  се поканети претставници од Организација на работодавачи, текстилното училиште, факултетот, советници на премиерот,…, за да разговараме повеќе за текстилната индустрија и за она што нѐ очекува како регион и како град, рече Ампева.

Во тридневните активности се планирани и панел дискусии за правата на жените и нивното зајакнување, бидејќи, како што истакнаа од „Гласен Текстилец“, закони има, но ретко надлежните институции ги спроведуваат во пракса.

-Продолжуваме со панел дискусијата „Правата на жените, нивното економско зајакнување и влијанието на политиките врз нив“. Оваа активност е во соработка со Шведската фондација. Во нашата држава има многу закони за еднаквост и политики, но институциите кои се надлежни за нивно спорведување како да ги закочуваат и како да ги имаат само на хартија. Граѓанските организации прават многу истражувања во врска со оваа тема, кои не секогаш се земаат во предвид. Затоа на оваа панел дискусија се поканети преставнички на граѓански институции, истакна Благојче Дишоски од „Гласен Текстилец“.

Уметничкиот директор на „Текстилијадата“, Денис Ампев нагласи дека на годинашната „Тестилијада“ се предвидени и неколку изложби, како и посета на античкиот град Баргала, а завршниот настан е забава во Домот на млади Штип.

-Културата не е привилегија на богатите, туку се враќа меѓу работниците. Оваа година имаме шест културни настани и отвориме нови соработки со јавни претпријатија и Дом на млади Штип. Првото ќе ни биде откривање на уметничко дело, работничка клупа. Клупата ја направивме заедно со јавните претпријатија од Штип и има за цел да ја покаже состојбата за текстилните работници односно потребата за одмор, пауза, рече Ампев.

„Текстлијадата“ годинава е под мото „Плата за живот“. Ампева посочи дека синдикатите и невладините организации во Европа и на Балканот во услови на криза од властите бараат „Плата за живот“. Ланските калкулации покажуваат дека на едно четиричлено семејство Платата за живот е околу  52 000 денари и тука се пресметани сите сметки, храна, облека, трошоци за здравје, култура, но и се заштетени 10 отсто за решавање непредвидени семејни проблеми. Македонските граѓани на крајот од месецов ќе дознаат колкава им е Платата за живот со двоцифрената инфлација, за оваа година.