Високи ризици од корупција и судир на интереси во набавките за КОВИД-19 и речиси две години по избувнување на кризата – најнов извештај од мониторингот на КОВИД-19 набавките


Денес, 10 август 2022 година, Центарот за граѓански комуникации го објави Извештајот за јавните набавки за заштита од КОВИД-19, изработен врз основа на длабинскимониторинг на постапките за јавни набавки на стоки, услуги и работи чии договори се склучени во второто полугодие од 2021 година.

 

 

Мониторингот ги детектираше следниве клучни проблеми и ризици од корупција:

  • Јавните набавки поврзани со КОВИД-19 и во второто полугодие од 2021 година, односно и по повеќе од една година од почетокот на кризата, изобилуваат со проблеми и ризици од корупција.
  • Проценетите вредности на набавките и натаму се многу повисоки од цените добиени на тендерите, што може да упатува на ризикот од намерно оставање простор за склучување договори по повисока вредност за да има доволно пари и за корупција.
  • Кога има еден понудувач или останува еден понудувач по елиминирање на другите понуди во фазата на евалуација, речиси без исклучок понудената цена се совпаѓа или е многу блиску до проценетата вредност на набавката иако таа не е јавно објавена, што упатува на претходно вонзаконско договарање меѓу институциите што набавуваат и фирмите понудувачи.
  • И натаму има големи разлики во цените за исти производи, набавени во ист временски период, што се движат и до 500 %.
  • При набавката на реагенси, постои долгорочна зависност од фирмата чијшто апарат за тестови го користи институцијата, што содржи ризик од плаќање високи цени за реагенсите и можност за корупција.
  • Постои слаба документираност на и онака нетранспарентните постапки со преговарање без објавување оглас.
  • Ангажирањето надворешни лица и фирми за спроведување на јавните набавки носи високи ризици од судир на интереси и корупција.
  • Како јавни набавки за КОВИД-19 се набавувани производи што не можат лесно да се доведат во врска со пандемијата, како, на пример, службено патничко возило со кожен волан, шест звучници и металик боја.

Овој извештај е изработен врз основа на длабински мониторинг на 40 постапки за јавни набавки на стоки, услуги и работи за заштита од КОВИД-19, чии договори се склучени во второто полугодие од 2021 година, односно од 1 јули до 31 декември 2021 година. Опфатените постапки претставуваат 52 % од сите тендери за КОВИД-19 во периодот на мониторингот (вкупно 77 тендери). Вредноста на мониторираните тендери изнесува 1,25 милиони евра, што е 30,4 % од вредноста на сите тендери за КОВИД-19 во анализираниот период (4,1 милиони евра).

 

ИЗВЕШТАЈОТ