Тутунарите и откупувачите се договорија – ќе се преземат и договорените количини и вишоците


– Компаниите ќе ја забрзаат динамиката на откуп, ќе ги преземат и вишоците, а пунктовите ќе бидат отворени додека откупниот процес не заврши во целост. Ако има потреба, тутун ќе може да се носи на вагите и во саботите. Ќе се интервенира и законски, за евентуално пролонгирање на рокот за откуп и по февруари.



Ова го договорија денеска производителите и откупувачите, на средбата со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа во Скопје.

Како што беше речено по средбата, досега се откупени 40 отсто од реколтата. Квалитетот е полош од лани, затоа и цената е пониска.

Динамиката на откуп засега е 700 тони дневно, а министерот е убеден дека оваа лоша година за тутунот, сепак ќе биде позитивно заокружена.

-Решение има ако фирмите ја забрзаат динамиката и го откупот вишокот на тутунот како што беше догорено денеска. Се согласија пунктовите да работат до законскиот рок, но и потоа, ако има потреба. Динамиката на откуп ќе биде зоглемена. Сите компании кажаа дека вагите ќе бидат отворени до преземање на сите количини, рече претседателот на Сојузот на тутунските здруженија, Менде Стомнароски.

На средбата е договорено, додаде Стомнароски, производителите во подрачните единици да ги пријават вишоците тутун и да кажат со кои компании имаат склучено договори.

-Потоа ќе седнеме со откупувачите и ќе се одлучи која компанија колку ќе преземе за да се откупи целиот тутун, истакна претседателот на Сојузот.

Ова се однесува, објасни, и за тутунарите кои немаат договори. И тие треба да се пријават во подрачните единици за да се најде решение и за нив.

-Сигурен сум дека ќе се почитува она што беше договорено денеска и дека позитивно ќе заокружиме една лоша година за тутнот. Незадоволството кај тутунарите е нормално зашто цената не е како лани. Но, тоа не зависи од нас или од нив, временските услови се такви какви што се, квалитетот е многу послаб. Сепак, со сите напори што ги правиме и со сите заложби на релевантните страни, мислам дека спасуваме на најдобар можен начин тоа што одеше во навистина многу лош правец, изјави министерот Хоџа.