TOW#483 – Пристап


„Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат секој четврток и обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење.Коментарите за совети, можете да ги пишувате на: www.facebook.com/tipoftheweekPriracnik Како сублимат на првите 100 совети издадени се единствените прирачници за личен и професионален развој.



Сè е до пристапот!

Пред некое време, седев со еден пријател во ресторан и поради метежот седнавме на една маса која сè уште не беше исчистена. Кога дојде келнерот да не праша што сакаме да порачаме, мојот пријател, на малку повисок и ироничен тон му кажа „дечко, дај те молам расчисти го ова ѓубре од маса”! Иако, кога ги читате зборовиве, тие баш беа пристојни и немаат некоја негативна конотација. Но, тие што знаат малку повеќе околу ефективната комуникација, знаат дека зборовите имаат најмало влијание во пренесување на една ефективна порака (8 %). Најголем дел од пораката се пренесува преку говорот на тело (92 %), во кој влегува и тонот на гласот.

Откако момчето ја расчисти масата (нормално, со превртување на очите) и ја зема нарачката, си замина. Јас го прашав мојот пријател, дали е свесен сега кои се можните сценарија:

  1. Најдоброто: келнерот само ќе се навреди, поради начинот на кој мојот пријател „го замоли” да ја расчисти масата, но брзо ќе заборави, бидејќи секој ден се среќава и се справува со различни профили на луѓе.
  2. Средно: услугата ќе ја намали на ниво на „посветеност, само колку што треба”. Со тоа, сигурно нема да бидеме воодушевени од услугата на персоналот.
  3. Најлошо: може, како што сме гледале на филмови, нешто да ни стави во јадењето, што готвачот не го замислил според рецептот.

Доколку мојот пријател само одлучеше да го смени пристапот во барање на своите права, и на убав начин го замоли келнерот да ја исчисти масата, ние можеби ќе имавме подобро искуство од аспект на услугата и ќе уживавме повеќе во нашата ракија и салата.