ТАВ: easyJet влезе на македонскиот пазар со воведување нова авиолинија Женева – Скопје


ТАВ Македонија, попладнево во 15:05 часот, на Меѓународниот Аеродром Скопје го пречека првиот лет на easyJet од Женева.


 

 

Со Ербас А320, со капацитет од 186 седишта, ниско-буџетната авиокомпанија за првпат слета на Меѓународниот Аеродром Скопје, одбележувајќи го почетокот на операциите на македонскиот пазар.

„Како ТАВ навистина сме среќни што можеме да го одбележиме влезот на easyJet на македонскиот пазар, со денешниот прв лет на новата авиолинија од Женева, Швајцарија, до Скопје, Северна Македонија. Македонскиот главен град ќе биде поврзан со швајцарскиот град три пати неделно, секој понеделник, четврток и петок, од денес, 1-ви ноември, во текот на целата зимска сезона. Ниско-буџетна авиокомпанија ќе сообраќа до Меѓународниот Аеродром Скопје за првпат, а авиокомпанијата донесе одлука да почне со летови сега, и покрај глобалната криза во авијацијата предизвикана од КОВИД-19, како и покрај фактот дека во многу земји сè уште има рестрикции за патување со авион. Женева ќе биде третата дестинација во Швајцарија со која од Меѓународниот Аеродром Скопје ќе има авионска конекција, по Цирих и Базел. Веруваме дека оваа авиолинија има огромен потенцијал и со нетрпение очекуваме да видиме како ќе се развива во следниот период“, изјави Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија.  

Од ТАВ Македонија потенцираат дека оваа нова авиолинија ќе им овозможи на патниците и од Македонија и од Швајцарија да ги посетат своите семејства и пријателите, или пак ќе имаат можност да ги откриваат убавините на двата града – живописните пејзажи на Женевското езеро опкружено со швајцарските Алпи, како и шармантните природни локалитети и богатото културно наследство на Скопје, градот познат како раскрсница на Балканот.

Во easyJet сме среќни што ја воспоставуваме оваа нова авиолинија меѓу Женева и Скопје. Нашиот екипаж со задоволство ќе обезбеди топло добредојде и на швајцарските клиенти кои патуваат за да се сретнат и видат со пријателите и роднините или пак се во потрага по нова дестинација, и на жителите на Скопје кои бараат директна авиолинија до Женева.“ , изјави Томас Хаагенсен, Регионален директор за Северна Европа.

 

Авиобилетите се достапни на веб-страницата на easyJet https://www.easyjet.com/en, со цени од 1.476 денари* за авиобилет во една насока. Во текот на зимскиот ред на летање, од денес, 1-ви ноември 2021 година, до 25-ти март 2022 година, летовите на оваа авиолинија ќе сообраќаат секој понеделник, четврток и петок.

 

ТАВ Македонија ги заврши првите 9 месеци од 2021 година (јануари – септември) со вкупно 994.237 патници, на двата македонски аеродрома, Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, што претставува 57% пораст споредено со истиот период во 2020 година, додека споредено со 2019 година, којашто се смета за референтна година за воздухопловството, патничкиот сообраќај е намален за 52%. Пред почетокот на пандемијата, ТАВ бележеше постојан раст на патничкиот авиосообраќај на македонските аеродроми.

 

Во истиот период, јануари – септември 2021 година, двата аеродрома опслужија 11.203 летови, што претставува 61% пораст споредено со истиот период во 2020 година, додека во однос на истиот период во 2019 година бројот на летови е намален за 34%.