Субвенции за плински уреди, но дизелот и натаму омилено гориво


Додека во Европа се води отворена војна против дизел-возилата, на нашите патишта за две години разликата меѓу бензиски и дизел-возила е променета од + 1.711 во корист на бензинците во 2016 година, на + 36.530 дизели во 2018 година. Во исто време, бројот на возила со ЛПГ-уред останува непроменет и се движи околу 12 илјади возила.

Државата субвенционира до 50 проценти од трошоците, но не повеќе од 300 евра за вграден плински уред во возило не постаро од 2005 година. Со мерката се обезбедени средства за околу 800 – 900 возила. Во 2018 година на нашите патишта биле регистрирани 12.322 возила со ЛПГ-уред, со што ќе се зголеми за околу седум проценти бројот на возила.

Според податоците на Макстат базата, просечната старост на патничките автомобили во 2018 година во нашата држава е 19,1 години. На патиштата во 2018 година имало вкупно 415 илјади патнички возила од кои 86,7 проценти или над 360 илјади биле постари од десет години.

Загрижувачки е тоа што само девет илјади патнички возила или 2,2 проценти од вкупниот број во 2018 година биле понови од две години, додека понови од пет години биле 11 илјади автомобили или 2,7 проценти.

Само пет од 100 возила со бензински мотор имаат ЛПГ-уред

Вкупниот број возила во нашата земја во последните три години бележи постојан раст од околу 11 илјади годишно, па така од 461.799 регистрирани возила во 2016 година, оваа бројка пораснала на 474.516 возила во 2017 година и на 485.612 вкупно регистрирани возила во 2018 година.

Додека вкупниот број возила расте, бројот на возила со бензински погон се намалува, па така од 21.281 возило во 2016 година е намален на 281.554 во 2017 година и 214.010 возила во 2018 година. Тоа е намалување од вкупно 7.271 возило. Во исто време бројот на дизел-возила постојано се зголемува и тоа со солидни 15 илјади возила на годишно ниво. Така од 219.570 дизел-возила во 2016 година, во 2017 година првпат имаме повеќе регистрирани дизел од бензински возила со вкупно 234.735 дизел-возила, за во 2018 година таа бројка да се зголеми на 250.540 дизел-возила.

Ова е загрижувачки тренд доколку се земе предвид дека од + 1.711 бензинци на улиците во 2016 година во споредба со дизели, во 2017 година таа разлика се свртела на + 16.181 во корист на дизелите, за минатата година да има рекордна разлика од + 36.530 дизел-возила. Ако се земе предвид дека во Европа има отворена војна против дизелите и сè повеќе градови се одлучуваат за ограничување на нивното движење во градска средина, поради нивното влијание врз квалитетот на воздухот.

Државата субвенционира 50 проценти од трошоците за вградување ЛПГ-уреди

Министерството за економија од 1 ноември го отвори јавниот повик за субвенционирање дел од трошоците за вградување плински уреди, метан или друг вид алтернативно гориво во возилата.

Државата ќе субвенционира до 50 проценти од трошоците, но не повеќе од 18 илјади денари за вграден плински уред во возило. Субвенционирањето ќе важи само за едно возило во семејство и за оваа намена се одвоени 15 милиони денари.

Право на учество имаат сите сопственици на возила произведени од 2005 година наваму, а барањата заедно со потребната документација може да се достават до Министерството за економија секој работен ден од 9:30 до 15 часот. Крајниот рок за поднесување на барањата е 2 декември.

Субвенционирањето ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“ и според министерот за економија Крешник Бектеши, процедурата е многу едноставна.

– Потребно е само да се достави барање до Министерството и да се извади нова сообраќајна дозвола во која ќе стои дека возилото не користи бензин или дизел, туку плин, информира Бектеши на прес-конференција.

Според него, со мерката се обезбедени средства за околу 800 – 900 возила.

Oграничена понуда на нови возила со ЛПГ-уред на нашиот пазар

На нашиот пазар во понудата на нови возила најчесто може да се најдат модели со бензински и дизел-агрегати, а во последните неколку години сè повеќе и хибридни и електрични изведби. Сепак, постои голема разлика во цената меѓу хибридните и електрични изведби и бензинските и дизел-агрегати. Иако алтернативните горива како ЛПГ и метан гас релативно едноставно и евтино може да се приспособат на сите бензински агрегати, многу е мал бројот на производителите што нудат возила со вграден фабрички ЛПГ-уред.

Единствен модел достапен со фабрички ЛПГ-уред во нашата држава е „дачиа сандеро“, но нема повеќе информации од генералниот увозник.

Застапникот на „фиат“, „Аутомобиле СК“, информира дека во моменталната понуда на возила немаат модели со фабрички ЛПГ-уред, но дека соработуваат со локални компании што инсталираат такви системи.

–  Нашиот бренд нуди возила на другите пазари со ОЕМ вградени ЛПГ-уреди, како и возила со ЦНГ (метан). Во преговори сме да ги понудиме истите и на нашиот пазар, ни одговорија од „Аутомобиле СК“.

Дистрибутерите на нови возила соработуваат со увозниците на плински уреди

Од „Еуроимпекс“, кои се застапници на автомобилите „пежо“, велат дека производителот во својата производна програма нема возила со ЛПГ, но дека може по барање на купувачите на возило со бензински агрегат да се вгради плински уред.

– Ние вакво возило досега не сме нарачале, а сè што имаме продадено како возило во пакет со плински уред е правено тука во Македонија во соработка со увозниците на плински уреди. За цените, во принцип треба да се исти во сите земји, со разлика во различните давачки во одделни земји и во земјите членки на ЕУ. Цената на пакет на бензинско возило со ЛПГ-уред е цената на возилото плус додадена вредност за ЛПГ-уредот, информираат од „Еуроимпекс“.

Групацијата „Фолксваген“, како што информираат од овластениот дистрибутер „Порше Македонија“, во својата понуда нема модели со фабрички вграден ЛПГ-уред и е повеќе насочена кон компримиран земјен гас како алтернативно гориво.

– Групацијата „Фолксваген“ во понудата нема модели со фабрички вграден ЛПГ-систем. Причината е едноставна: подобар севкупен финансиски и еколошки ефект се постигнува со друго алтернативно гориво за бивалентен погон со внатрешно согорување: компримиран земјен гас – ЦНГ. Моделите приспособени за употреба на ЦНГ се со цена споредлива или повисока од соодветните дизел-изведби, па на пазари како нашиот – со слабо развиена ЦНГ-мрежа за полнење и без еколошки олеснувања за пониската емисија – не се доволно интересни, информираат од „Порше Македонија“.

Модели со ЦНГ-систем групацијата нуди и успешно продава на пазари со развиена мрежа за полнење со ЦНГ, најмногу во Италија, значително во Бугарија, а сè повеќе во Германија и останатите земји од ЕУ.

Според Дејан Горгиевски, задолжен за маркетинг и ПР во „Порше Македонија“, локално вградени ЛПГ-системи се возможни и достапни, но тој пристап не се преферира од повеќе причини.

– Локалното вградување на ЛПГ-системите е со различни стандарди од фабричките и предмет на технички (и безбедносни) компромиси под притисок на цената. Следствено, при употребата локалното решение бара дополнителни и чести нагодувања и оптимизации, го ограничува багажниот простор, возилата задржуваат висок степен на емисија на СО2… што ја доведува во прашање оправданоста на цената за вградување на системите, нагласува Горгиевски.

Кај употребуваните возила, посочува Георгиевски, состојбата е уште појасна и мотивот за вградување ЛПГ-систем кај нив е чисто финансиски.

– Еколошкиот мотив се напоменува, но не може да се оправда. Старите возила уште од фабрика имаат пониски еколошки стандарди и повеќе загадуваат од новите (во одредени категории и над 80 проценти повеќе). Поради нивната просечна (не)исправност – извадени катализатори, компоненти за рецилкулација на издувните гасови и сл., вградувањето ЛПГ-системи во старите возила, гледано еколошки, е нелогично. Теоретските предности на ЛПГ-системите од 20 проценти намалена емисија на CO2  и 30 – 40 проценти намалени трошоци за гориво кај старите и нецелосно исправни возила се топат уште на почетокот, па вградувањето ЛПГ-систем кај нив реално претставува поголем проблем отколку корист. И технички, и практичен, и особено безбедносен, вели Георгиевски.

Александар Атанасов

Вести

Венецијанска комисија не го промени ставот за Законот за јазици

Венецијанската комисија во мислење усвоено денеска, ги повикува властите на Македонија да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни, јавува дописникот на МИА од Стразбур. Според соопштението, издадено по […]

Вести

Одбиено барањето за апанажа на Јанева во Собранието

Членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на попладневното продолжение на седницата едногласно го одбија барањето за апанажа на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, осомничена во случајот „Рекет“. Претседателот на Комисијата […]

Вести

Меркел го посети Аушвиц: Ова човечкиот ум не може да го сфати

Германската канцеларка Ангела Меркел, за првпат во својот 14-годишен мандат на чело на германската Влада, денеска го посети поранешниот концентрационен логор на Третиот рајх во Аушвиц, и истакна дека тоа што се случило во Аушвиц […]