Стопанствениците од Западен Балкан ќе формираат посебно тело за заедничко привлекување на инвестиции


– Посебно тело за заедничко привлекување на инвестиции за земјите од Западен Балкан и заеднички настап во Берлин, Дубаи и Шангај договориле стопанските комори од регионот на седницата на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) што се одржа во Белград.


 

Ова значајно тело ќе го предводи Данило Цицмил, клучен човек во Кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ, магистрант на Хартфорт (САД), во чиј мандат од 2017 година до денес, Србија има раст на странски директни инвестиции од 1,3 милијарди евра во 2014 година на 3,8 милијарди евра во 2019 година и има донесено над 200 фабрики од повеќе различни индустрии.

– Развојот на заедничкиот регионален пазар, како единствена инвестициска дестинација логично ја промовира одлуката за заеднички настап на Берлинскиот самит на 30 јуни 2021 година, Дубаи ЕКСПО на 1.10.2021 година и Кинескиот интернационален саем на 5.11.2021 година, информираат денеска од Стопанската комора на Северна Македонија.

На 17. седница на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум, на која присуствувал и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, за првпат е промовирана и идејата на македонската Влада и на Стопанската комора на Северна Македонија за изедначување на условите за инвестирање во рамки на КИФ со што би се намалила меѓусебната конкуренција.

На седницата донесена е и одлука за отворање на канцеларија и фондација на КИФ во Скопје.

Во рамки на Коморскиот инвестициски форум одржана е и средба на копретседателот на форумот Бранко Азески и генералниот секретар на КИФ Татјана Штеројва-Душковска со стариот и новиот директор на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) во Белград, задолжени за Западен Балкан, Сузана Харгитаи и Матео Колангели.

На средбата станало збор за наредните активности на ЕБРД во земјите на Западен Балкан, за приоритетните проектни активности со фокус на инфраструктурата, но и на локалниот развој. ЕБРД има инвестирано над 2,5 милијарди евра во земјите на Западен Балкан.

Коморскиот инвестициски форум е основан 2015 година и ги застапува интересите на 350.000 компании на 6-те земји од Западен Балкан.