Стартап интервју: Блаже Аризанов – Македонија мора да ги тргне системските пречки за да ги поддржи стартапите


Неконвенционален, оригинален и креативен, Блаже прво ја освои Индија, па се врати во Македонија за нови подвизи. Неговиот милионски стартап во Индија е контроверзен за тамошната култура, но сепак е прогласен за еден од најиноватнивните стартапи во Индија. Опсервер разговараше со иновативниот Блаже Аризанов за  неговата бизнис улога во општеството, како и за неговите лични ставови за стартап заедницата и стартапите во Македонија.



За да се успее во светот на бизнисот и да се преживее во светот на стартапите, особено со една прогресивна идеја во конзервативно општество како индијското, малку е да се каже дека човек мора да биде посебен и свој. Блаже скромно вели дека за неговата мотивација да биде поголема, силата и инспирацијата ја црпи од јогата и читањето книги. Читам многу, вели тој скромно, иако успехот говори во негово име, како и неговата книга „Белиот трофеј“.

За разлика од Индија, ние сме можеби конзервативна земја, но дефинитивно Индија е земјата за која што многу работи се табу. Овозможувањето на приватен простор на заљубените, невенчани парови во Индија за некого е благослов за некого клетва. За Блаже, инспирацијата за започнување на овој бизнис била самата побарувачка на пазарот.

„Пазарот го бараше, јас им го понудив. Немаше wow момент, немаше epiphany, немав откровение, не ми шепна вселената во увце. Едноставно се прикачив на тоа што пазарот го побара од нас и им го понудивме. Се судрив со со-основачот и инвеститорот бидејќи не сакаа да влезат во тој пазар. Нив ги водеше нивното ситно чувство за морал, нивната дефиниција за тоа како светот треба да изгледа, мене ме водеше сигналот на пазарот, светот каков што е. Евентуално испаднав во право“, јасен е Блаже.

Според него, персоналитет, оригиналност, грижа за твојот пазар, како секаде, така и во Индија се потребните маркетинг методи кои се најделотворни во светот на бизнисот и стартапите, воопшто. А, во овој период, во Македонија започнува да расте стартап мрежата и луѓето почнуваат да се поистоветуваат со неа. Се зголемуваат контактите и соработките и сега е многу полесно да се добијат информации за започнување на стартап доколку е некој заинтересиран. Но, според Блаже, се уште немаме вистински стартап сектор.

„Наместо тоа имаме НВОизиран стартап сектор, каде стартапите се служат со НВО флоскули (одржлив развој, зелена економија, циркуларна економија), и пополнуваат грантови наместо да акумулираат корисници. Во Македонија, невладините организации станаа стартап компании, а стартап компаниите станаа невладини, разликата меѓу двете повеќе не е видлива. Полно шарлатани се кријат позади овој НВОизиран стартап сектор што го зборуваат соодветниот речник и флоскули, но кои никогаш во живот не пораснале компанија или исплатиле некому плата или придонес“, вели Блаже.

На прашањето, што е потребно за успешен стартап во Македонија, тој запраша:

„Кој е критериумот за успешен стартап? Приходи? Откако ќе нарасне во одредена мера неминовно е да премести седиште на пример во Лондон или Берлин, центри на финансиски капитал. Би збореле тогаш за успешен стартап во Македонија? За Македонија како мала држава за да ги поддржи стартапите во нивниот развој е потребно да ги тргне системските пречки. На пример, промените на Законот за платежни услуги се заглавени уште од 2018 година. Без тие промени не можат да заживеат fintech бизнисите што доживуваат бум ширум светот. Без иновација во тој дел, граѓаните и понатаму ќе бидат подложни на застарени и скапи финансиски услуги“, посочи Блаже.

Блаже смета дека дека македонските граѓаните не се доволно информирани да препознаат шарлатанство, а на дел од нив не им е ни грижа.

„Знаат дека се изгубени. И одат да аплицираат во ФИТР. И ФИТР се изгубени. Двете страни знаат дека нема да се постигне којзнае што, но тој факт е премолчен, има имплицитно разбирање. ФИТР фрла пари што не се нивни и за кои знае дека нема да се мултиплицираат. Зошто? Заради тоа ФИТР во суштина е уште една алатка за презервација на социјален мир и статус кво, дел од поширока мрежа на ентитети што и служат на истата цел. ФИТР е канал за дистрибуција на пари, а за примателот на пари овие пари се уште една форма на плата (а, не претприемачка добивка, премиум за ризик). Значи и волкот сит и овците на број, двете страни имаат имплицитно разбирање, едниот вели ете ви пари бидете мирни, другите велат ќе бидеме мирни, но дајте ни плата. Нема иновација, нема раст, имаме суспендирано општество во една фиксна лиминална точка, ниту горе, ниту долу, состојба од која најмногу страдаат оние што не се дел од тој имплицитен договор. Сум зборел со луѓе што ми велат – Абе знам дека никаде нема да стигнам со тој свој проект, но ми треба плата на први затоа аплицирам на ФИТР. Аха. Значи ФИТР да ти било само уште една социјална институција“, загрижено заклучува Блаже за работата и информирањето на граѓаните во однос на стартапите.

Блаже препорача заштедата од 10,000 евра да се искористи како колатерал за позајмица на уште 30,000 евра, за како што вели тој, од тука натаму да започне магијата, доколку некој од Македонија би сакал да ја инвестира својата заштеда во бизнис светот. Според него, сосема е возможно ивестирањето на македонски резидент во странство, иако овде се уште не функционира PayPal сервисот. За него крипто-технологијата е иднина, а крипто-валутата – за кој како ќе испадне.

Блаже Аризанов е активен на неговата фан страница на Facebook, одговара на прашања и се дружи со сите оние кои што се заинтересирани за влез или информации од светот на економијата, менаџментот, стартапите или дури и политичката ситуација во државата.

До следен разговор, на Блаже му посакуваме успех и уште многу успешни инвестиции!