СТАРТАП ХЕРОИ – Нов повик на ФИТР и Тинекс за развој на стартапите во Македонија


Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, заедно со Цветанка Христовска, бренд директор на компанијата „Тинекс“ и Горан Дамовски од швајцарската агенција за развој и соработка „ИМЕ“, денеска на прес конференција го објавија новиот повик наречен „СТАРТАП ХЕРОИ“.


 

Имено, како што рече Коста Петров, се работи за повик кој што им дава одлична можност на малите стартап претпријатија, кои што веќе имаат развиен прототип на иновативен производ, да реализираат активности со кои што ќе го подготват својот производ за успешен влез во малопродажба. ФИТР, Тинекс, ИМЕ и Фактор траст при целокупниот процес нудат финансиска, менторска и техничка поддршка, за да можат стартапите да се најдат на специјално обележани полици во маркетите на Тинекс насекаде низ Македонија.

– „СТАРТАП ХЕРОИ“ е наменет за сите стартап компании кои имаат иновативен производ и ги исполнуваат претходно дефинираните услови од јавниот повик. Целосната листа на услови е достапна на официјалната страница на ФИТР, изјави Коста Петров.

Проектот се спроведува во соработка со ТИНЕКС МТ ДООЕЛ како корпоративен партнер на Фондот.

– Поволности кои што ќе ги обезбеди Тинекс за стартапите се: Промоција на производите преку нивно поставување на посебно обележани полици во дефиниран број на малопродажни места на Тинекс за период од 12 месеци, изготвување на маркетинг кампања за промоција на производите на телевизија и на радио, вклучување на производите во интегрирана печатена и дигитална маркетинг комуникација на ланец од маркети, помош при промоција на производите во маркетите и со избраните натпреварувачи, нашата компанија Тинекс ќе склучи договор за соработка во кој што ќе ги договорат условите за набавка и продажба на наградениот производ, изјави Цветанка Христовска од Тинекс.

Целта на поддршката на одбраните стартапи е да станат поуспешни добавувачи на голем ланец на супермаркети, како што кажа и Горан Дамовски кој им посака успех на сите апликанти на овој проект.

Партнер на овој проект е и ФД Фактор Труст, финансиско друштво за факторинг, кое што ќе придонесе за поддршка на развојот на малите производители преку понуда на финансиски инструменти за обезбедување на нивната ликвидност и непрекинат оперативен циклус.

За повеќе информации за СТАРТАП ХЕРОИ, посетете ја https://fitr.mk/startapheroi/.