Станкоски: Прилепскиот комбинат е подготвен за откуп, се зависи од потпишувањето на договорите со кооперантите на „Далија табак“


Привршува бербата на тутунот во Струмичко - МИА

Прилепскиот тутунски комбинат упатува отворен повик до кооперантите на компанијата „Далија табак“ што побрзо да ги потпишат договорите за преземање на тутунот преку Комбинатот.



Според Кире Станкоски, генерален директор на Прилепскиот тутунски комбинат, колку побрзо кооперантите се пријават да го потпишат договорот со Комбинатот, толку побрзо ќе им се преземе родот.

– Упатувам апел кооперантите на „Далија табак“ што побрзо да го потпишат договорот со Прилепскиот тутунски комбинат за да може да почне преземањето на тутунот, изјави Станкоски.

Комбинатот по регулирањето на документацијата веднаш е подготвен да откупи околу 440 тони тутун од кооперантите на „Далија табак“, фирма која не обезбеди банкарска гаранција дека ќе ги плати количествата тутун од кооперантите.  Колку побрзо тутунарите ги потпишат договорите, толку побрзо ќе се откупат количествата тутун.

-Ние сме отворени од утре, сабота, а ако не се потпишат договорите, и од понеделник, да ги преземеме количествата тутун. Тоа е договорено преку Министерството за земјоделство, значи се зависи од повторното потпишување на договорите со кооперантите, за да може да ги остварат правата на субвенции, објасни Станкоски.

Прилепскиот комбинат има пет пунктови во Радовишко и Источниот регион и е подготвен покрај договорните, да ги преземе количествата тутун од кооперантите од „Далија табак“, но се зависи од потпишувањето на кооперантите со Комбинатот.