ССМ: Да го заштитиме здравјето на работниците во услови на топлотен бран


– ССМ ги повикува сите работодавци, во услови кога се најавува дека во наредните денови, целата територија на државата ќе биде зафатена со температури од жолта (алертна) фаза, да ги почитуваат мерките предвидени со Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението.


 

-Сите работници кои работат во услови на изложеност на високи температури, се изложени на топлински стрес. Топлински стрес се дефинира како физичка и физиолошка реакција на работникот на температурата на која е изложен на неговото работно место. Согласно Законот за безбедност и здравје при работа, работодавецот е должен да обезбеди соодветни услови на работа кои нема да го загрозат животот и здравјето на работниците, велат од ССМ.

Сојузот им препорачува на работодавците: да ги проверат техничко-технолошки колективни мерки за заштита (адекватна вентилација и климатизација), да ги контролираат микроклиматските параметри, да обезбедат минимум една климатизирана просторија со функција на „засолниште“ (каде вработените можат да се разладуваат извесен период во текот на работата), повозрасните лица, бремените жени и хронично болните лица да бидат ослободени од работни обврски.

ССМ уште им препорачува на работодавците да направат промени во организацијата на работниот процес (работа во смени, ротација на работниците и друго).

-Избегнување на работа на отворено во за време на најтоплиот период на денот (11-17 часот) или нејзино редуцирање. Редуцирање на тешка физичка работа, почести паузи во текот на работата, разладување на вработените со обезбедување на климатизирани простори и доволно разладени течности за пиење, смалување на интензитетот на работата и нормите во производството, избегнување на прекувремената работа. Прекин на работата при потреба, се дел од препораките на ССМ.

Сојузот исто така препорачува работодавците да го поттикнат самопријавувањето на симптомите кај вработените, потоа тие да обезбедат  адекватни лични заштитни средства.

-Запознавање на работниците со ризикот на работното место од високи температури, можните штетни ефекти по здравјето како и со мерките за работа на безбеден начин. Предупредување на вработените за зголемената опасност од несреќи при работа (пожари). Посебно внимание и надзор при работа со хемиски материи заради поголема опасност од интоксикација, стои во препораките на ССМ.