ССК испорача 15 предлог-мерки до Владата, бара прецизни протоколи за работа во сите дејности


ССК: Кабелските оператори да си ги бараат правата институционално, а не на грбот на граѓаните - МИА

– Државната поддршка да се спроведува континуирано, да се дефинираат протоколи за работа на сите дејности и да се обезбеди директна, неповратна помош за превозот, туризмот, угостителството, сметководството, едукацијата и установите за згрижување деца како најзагрозени сектори кои во изминатиот период беа целозно затворени, а сега се во многу критична состојба и бројат намалени доходи од 70 до 100 проценти, бара Созјузот на стопански комори (ССК).



ССК денеска на прес-конференција ги соопшти сите 15 мерки кои се доставени до Владата за нивно разгледување и вградување во новиот, петти антикризен економски пакет.

Како што рече претседателката на Сојузот, Данела Арсовска, се уште не е закажана формална средба на која овие предлози би се дискутирале.

– Сите мерки на ССК се предлози зад кои стои соодветна аргументација, донесени се врз основа на анкета меѓу комапниите, а целта е да му се помогне на приватниот сектор да опстане и да ги зачува работните места. Она што го знаеме до овој момент од медиумите е дека се подготвува некаков драфт, а како и кога ќе ги вклучат овие предлози од деловната заедница не знаеме, истакна Арсовска и додаде дека е клучно, независно за каква помош и да се работи, таа да биде едноставна, лесно и брзо достапна и да се даде веднаш.

Праксата, нагласи Арсовска, досега покажа проблем во имплементацијата на мерките, а не во нивното усвојување и донесување.

Првите две мерки што ги предлага ССК се да продолжат поддршката од 14.500 денари за плати и бескаматните кредити преку Македонската банка за развој.

Се бара и и можност за репрограмирање на обврските од активни кредитни побарувања.

Арсовска ја потенцираше важноста од донесување мерки со кои ќе се укине аконтативното плаќање данок на добивка, каматата за задоцнето плаќање данок и други давачки кон УЈП до крај на годината, како и да се одложи рокот за поднесок на ДДВ извештаи.

– Предлагаме и одложување на роковите за поднесок на годишна сметка и финансиски извештаи до 30.04.2021 во хартиена, односно 15.05.2021 во електронска форма. Овие мерки не преставуваат директна финансиска помош, но се важни бидејќи ќе ги олеснат значително услови во кои работи реалниот сектор. Меѓу клучните барања е и да се преземе на одлучна акција за справување со сивата економија од нерегистрираните субјекти. Со оваа акција се постигнува двоен ефект, прво се обезбедуваат дополнителни финансиски приходи во буџетот од неформалната економија која има учество од 40 отсто во економијата и затајува даноци во износ од третина од националниот буџет, второ ќе се подобри деловното окружување за регистрираните субјекти кои во овој момент се во тешка состојба, рече Арсовска.

Во однос на изготвувањето и донесувањето прецизни протоколи за работа на сите дејности, претседателката на ССК рече дека е недозволиво тоа да не е сторено и по речиси една година од почетокот на кризата.

– За претпријатијата во угостителството, неопходно е да се направи изедначување на данокот на додадена вредност на сите услуги и производи  на даночната стапка од 10 отсто, а претпријатијата од секторот туризам бараат намалување на данокот на додадена вредност од 18 на 10 проценти, посочи Арсовска.

Според ССК, градежниот сектор како еден од двигателите на македонската економија, може да придонесе за подобрување на солвентноста на буџетот на централните и локални власти, доколку му се овозможат услови за работа преку повлекување на градежните мораториуми и овозможување планско градење согласно урбанистичките и еколошките стандарди.

ССК уште еднаш апелира на потребата од засилена борба протв сивата економија.