ССК и Бизнис Академија Смилевски потпиша Меморандум за соработка


Претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски и директорката на Бизнис Академија Смилевски, Маја Кузмановска вчера потпиша Меморандум за соработка. Фокусот е унапредување на соработката меѓу научно-истражувачката дејност и приватниот сектор со цел инвестирање во човечкиот капитал.

 

 

Ангелоски ја акцентираше важноста на човечкиот капитал за динамичен економски развој.

– Соработката која ја официјализираме всушност ќе даде придонес кон унапредување на вештините и знаењето на младите во насока на нивно совпаѓање со потребите на пазарот, а исто така заеднички ќе работиме на поттикнување на истражувачката дејност и иновациите како значајни сегменти за иден развој, истакна Ангелоски.

Како што информираат од ССК, Меморандумот предвидува размена на кадри во формирање на истражувачки и консултантски тимови за заеднички потфати, вклучувајќи и заедничко основање на повремени или трајни организации и асоцијации. Согласно документот за соработка ќе се иницираат заеднички истражувачки проекти, меѓународни проекти, научни собири, обуки, пракса во различни области.

БАС е акредитирана високообразовна установа во областа на високото образование од 2007 година,  а студиските програми се подготвуваат  согласно промените на пазарот со цел да се понуди практично и применливо знаење на студенти.

– Соработката со Сојузот на стопански комори ни отвора нови можности пред се како институција, за заедничко делување во повеќе области. Особено во услови на голем одлив на млад кадар, заеднички ќе се бориме да ја задржиме нашата млада генерација и истовремено да помогнеме во идентификување на профили кои недостигаат, истакна Кузмановска.