СКСЗМ бара децентрализација на власта и реформи во институциите, ВМРО-ДПМНЕ ветува проекти за бизнисот и економијата



– Децентрализација на власта, реформи и намалување на превработеноста во институциите, функционирање на правото и законите. Ова се само дел од барањата на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) содржани во Платформата за економски развој, која денеска, на работен состанок, ќе му биде презентирана на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицскок и неговиот економски тим.


 

Како што изјави претседателот на Комората, Неби Хоџа пред состанокот, компаниите – членки на СКСЗМ бараат сериозен пристап и посветеност од сите кандидати за градоначалници, како и реализирање на барањата од Платформата.

Недостигот од работна сила во приватниот сектор, борбата против сивата економија и корупцијата, рече Хоџа, се исто така некои од проблемите со кои се соочува бизнисот постојано, на дневна основа.

-Платформата за економски развој на Комората е многу битен документ зашто базира на голем број анализи и анкети со бизнисите, нејзини членки. Правиме анализи во 11 столбови со над стотина прашања. Реалниот сектор долго време има проблеми на дневна основа и затоа сметаме дека денешниот состанок е многу битен. Ќе ги изнесеме сите отворени прашања, истакна Хоџа.

Мицкоски изјави дека на претстојните локални избори ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди многу проекти што ги засегаат бизнисот и економијата.

-Понудивме не само децентрализација, туку и реинституционализација на Владата, односно нејзино дисперзирање во повеќе области зависно од потребите на граѓаните. Цениме дека имаме револуционерни чекори. За жал, поради карактерот на оваа Влада и злоупотребите што се случија на минатите предвремени парламентарни избори, многу малку можевме да зборуваме за понудата. Се надевам дека на овие локални избори ќе зборуваме многу за понудата, но и тука сме исто така слушнеме што бизнис заедницата и членките на Комората имаат да кажат. Доколку дел од тие проекти не се вклучени во програмата на нашите кандидати за градоначалници, јас сум убеден неопфатеното да биде опфатено. Кампањата почнува во понеделник, имаме уште три дена да дискутираме, иако јас сум убеден дека најголем дел од барањата што претходно сме ги дискутирале со луѓето од  Стопанската комора севернозападна Македонија се вклучени во програмите на кандидатите за градоначалници, рече Мицкоски.

Тој оцени дека ситуацијата во нашата држава моментно е алармантна.

-Македонија е на врвот на листата најкорумпирани држави во Европа, скандалите се секојдневни. Она што посебно ме загрижува е што тие не престануваат, буквално секој ден имаме по еден скандал што не засрамува како граѓани. Овие локални избори се можност да покажеме и да ги опоменеме овие кои што денес се власт, дека погрешно ја практикуваат Владата, погрешно  ја практикуваат политиката и ја водат Македонија директно во амбис, дополни лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

СКСЗМ вчера имаше средба со лидерите на колицијата „Алијанса за Албанците – Алтербнатива“, Зијадин Села и Африм Гаши.