„Сивус“ станува дел од чешката групација „Арикома“


– Нaјголемиот ИКТ-холдинг во Чешка, групацијата „Арикома“ ја презема македонската ИТ компанија „Сивус“.



Како што истакна премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Владата заедно со чешкиот амбасадор Мирослав Томан, станува збор за инвестиција која може да овозможи плодна натамошна соработка со Чешката Република.

– Силно верувам дека со новиот чешки партнер дополнително се создаваат услови за подинамичен развој и натамошно меѓународно етаблирање на Сивус. Пандемијата ни укажа дека дигиталната трансформација на компаниите се одвива побрзо отколку што сите очекувавме. Затоа Владата ги охрабрува сите вакви смели чекори кои најавуваат меѓународно поврзување, понатамошен напредок, забрзување на иновациите, задржување на сегашните и отворање на нови работни места, рече Заев.

Тој нагласи сека македонскиот ИКТ сектор во последните години е најбрзо растечка индустрија во нашата земја и ги вработува најмладите и најпрогресивните кадри. Генералниот приход на ИКТ индустријата во 2016 година бил 752 милиони евра, а во 2019 година 880 милиони евра што е раст од 17 проценти за три години. Вкупниот број на компании во ИКТ секторот од 1296 во 2016 година пораснал на 1957 во 2019 година или за околу 700 компании. Бројот, пак, на вработени од 10975 во 2014 година пораснал на 15093 во 2019 година или за речиси 50 проценти. Извозот на ИКТ софтвери и услуги во 2016 година бил 150 милиони евра а во 2019 година пораснал на 210 милиони евра.

– Нашите заложби се насочени кон натамошно подобрување на условите за работа во ИКТ индустријата. Групацијата Арикома може да очекува целосна поддршка од Владата за сите нејзини иднии развојни планови, посочи Заев и најави намалување на персоналниот данок во ИТ секторот од сегашните 10 на нула проценти во 2023 година, како и други мерки за развој на оваа индустрија.

Заев ги повика чешките компании да инвестираат во земјава за да се продлабочува економската и трговската соработка меѓу двете земји, а голем потенцијал, како што рече, има во областа на животната средина, земјоделството, индустријата и модернизацијата на Армијата.

Управниот директор на групацијата „Сивус“, Игор Лештар рече дека компанијата има над 800 вработени експерти од кои 500 во земјава и додаде дека има 15 канцеларии во осум земји во светот со преку 4000 клиенти. На крајот на минатата година, додаде тој, „Сивус“ се спои со „Арикома“ со што се отвори ново поглавје во развојот на компанијата.

-Со влегувањето на оваа нова странска инвестиција во земјава се овозможува процес на понатамошен раст на Сивус. Компанијата ја основав во 1999 година и горд сум што успеавме од буквално еден компјутер и силна идеја да го донесеме Сивус рамо до рамо со најсериозните светски компании. Сивус е компанија која ги помина сите фази од раст и развој од микро ИТ бизнис до меѓународна компанија и со тоа докажавме дека во Македонија има огромен потенцијал за создавање светски брендови и компании, рече Лештар.

Потенцира дека Сивус во изминатите 20 години даде огромен придонес во развојот на ИТ индустријата во земјава и беше расадник за ИТ кадри и центар за унапредување, учење и раст на ИТ секторот преку Центарот за обуки и развој, Сивус бизнис акцелераторот како прв акцелератор за бизнис технологија во земјава.

-Само во последните пет години Сивус има остварено извоз на услуги во вредност од над 78 милиони евра, а во заедницата преку општествено одговорни проекти вложи повеќе од 37,5 милиони денари. Со тоа е пример и поттик за сите млади претприемачи дека знаењето, трудот, следењето на светските трендови и претприемништвото можат од мала компанија во мала земја да остават печат и да изградат компанија со интернационално реноме, истакна Лештар.

Директорот за инвестиции во „Арикома“, Михал Томанек посочи дека станува збор за глобална компанија која има канцеларии во целиот свет и се гледа, како што рече, како водечка групација во ИТ секторот.

– Пред четири години имавме амбиција да станеме значителен актер во дејностите кои ги работиме преку купување на помали фирми за да постигнеме критична маса и искуство кое ќе ни овозможи да бидеме значителен играч на глобалниот пазар. Се уште не сме стигнати таму иако сега имаме вредност во технолошкиот простор од над 300 милиони евра, рече Томанек.

На ова, додаде тој, гледаме како на патување, за кое во последните години размислуваме за следните чекори и што тие може да бидат и, како што кажа, откривме дека пресвртница во Чешка и Македонија е токму ова и затоа се надеваме дека „Сивус“ ќе биде можност за нас да се прошириме понатаму и ќе биде перспектива за раст и достигнување на планот што го зацртавме пред извесно време.

– Клучна работа за нас е ДНК-та на фирмите и навистина ни се допадна ДНК-та што ја откривме во „Сивус“. Бев изненаден кога открив дека „Сивус“ ја има вистинската ДНК да одговори на предизвикот и да се движи наред, порача Томанек и додаде дека и поволната бизнис средина била причина за инвестицијата во „Сивус“.

Според него, брзо сфатиле дека земјава е плодна почва за развој на ИТ секторот и додаде дека е на 18-то место според поволната бизнис клима во рангирањето на Светска банка и е рангирана втора од сите посткомунистички земји после Албанија и се споредува со Канада и Израел.

– Имате многу големи технички таленти кои треба да се искористат. Треба да вработиме повеќе луѓе во Македонија и да инвестираме во нивната иднина, посочи Томанек.

Чешкиот амбасадор Томан рече дека Чешка секогаш стои на страната на Северна Македонија и потсети на чешкото присуство на јужната граница кај Гевгелија, како и соработката со Армијата за пренесување на НАТО искуството.

– Најдобар доказ за нашата соработка е коронакризата. Уште во април дониравме 100 илјади маски, а денеска пристигнаа и дополнителна здравствена помош. Во тешки времиња се познава пријателот. Значајно е што во тешки времиња чешките и македонските компании соработуваат. Би требало овој пример да го следат и компании од областа на туризмот и земјоделството, рече Томан.