Шест македонски текстилни компании на саем за безбедност и здравје при работа во Дизелдорф


Посетителите на Саемот за безбедност и здравје при работа A+A Безбедност и здравје Експо што од денеска до 29 октомври се одржува во Дизелдорф, Германија, ќе имаат можност да го посетат и националниот штанд на Агенцијата за странски инвестиции и поддршка на извозот под брендот Invest North Macedonia.


 

На изложбениот простор од 54 метри квадратни, што го обезбеди Агенцијата, се претставени домашни производи на шест македонски текстилни компании. Компаниите Златекс, Еуросолид и Textile Solution од Скопје, Албатрос и Ларс од Штип и охридската компанија Евро Џинс се избрани на јавен повик, со однапред утврдени критериуми за учество и селекција.

-Првиот ден од саемот поминува со посета на голем број заинтересирани купувачи и остварени се успешни состаноци од кои се очекува идна соработка. Претставниците на домашните компании се задоволни од посетеноста на националниот штанд и може да се заклучи дека интересот на странските купувачи е свртен кон европските производители, поради подобрување на конкурентската позиција на македонските производители во однос на Азија. На посетителите на А+А им се нуди можност да ја видат иднината на заштита при работа и целосен увид во новите трендови од оваа индустрија, се вели во соопштението од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.

Учеството на саемот покрај Агенцијата е организирано и со поддршка SIPPO – Швајцарската програма за поддршка на извозот и Текстилното трговско здружение – Текстилен Кластер.

Саемот А+А  се очекува да го посетат над 73 илјади посетители, годинава брои 2.121 изложувачи  од кои 49 отсто се од Германија, а останатите 51 отсто се од други земји, вклучувајќи и компании надвор од Европа. Според проценките на организаторите 71 отсто од посетителите имаат најголем интерес за лична заштитна облека и опрема.