Секој вторник директна линија Санкт Петербург – Скопје



– Со пристигнување на првиот лет од аеродромот Пулково на Меѓународниот аеродром Скопје денеска и официјално е воспоставена директната авиолинија Санкт Петербург – Скопје.


 

Авиолинијата на која ќе сообраќа руската компанија „Нордвинд“ е предвидено да биде еднаш неделно, секој вторник, со време на пристигнување во 13:35 часот и време на заминување во 14:40. Времетраењето на летот е три часа и 25 минути.

Како што беше речено на прес-конференцијата по пристигнувањето на првиот лет, овој распоред ќе важи до крајот на октомври, кога завршува летната сезона, а од 2 ноември годинава пристигнувањето на Скопскиот аеродром ќе биде 15:45, додека времето на заминување кон Пулково во 16:45.

-Оваа воздушна конекција од Скопје до Санкт Петербург се воспоставува првпат во историјата на македонските аеродроми. Веруваме дека македонските патници ќе ја искористат можноста да го откријат историското и културното наследство на ова прекрасно пристаниште на Балтичкото Море, поранешна царска престолнина на Русија опишана во руската литература. Во исто време, граѓаните на Санкт Петербурк за само три часа и 25 минути ќе можат да уживаат во убавините на Северна Македонија и соседните држави, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.

Според директорот за приходи во Нордвинг ерлаинс, Ибрахим Јилдиз, ова е втора директна линија по воспоставувањето на авио врската Скопје – Москва во јуни годинава.

-Почнуваме со летот секој вторник или по еден лет неделно, со многу комфорен распоред. Како една од водечките авиокомпании во Русија со осум милиони патници годишно и флота од 60 воздухоплови, им нудиме на патниците не само можност за истражување на неверојатната историја, архитектура природа и поставки, туку и на многу други атракции на Санкт Петербург, напомена Јилдиз.

 

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски го поздрави воспоставувањето на првата директна авиолинија до Санкт Петербург, изразувајќи верување дека ќе има голем потенцијал и дека ќе биде од огромна корист, како што рече, и за нашите, но и за граѓаните на Руската Федерација поради можноста за зголемување на бизнис релациите, туристичките посети и унапредувањето на пријателските односи меѓу двете земји.

Бочварски во оваа прилика истакна дека земјава бележи позитивен тренд на бројките во авиосообраќајот за разлика од лани кога имаше рестрикции на летовите поради корона кризата. Во овој период, нагласи Бочварски, приоритет е обнова и зголемување на бројот на линиите.

-Во периодот јануари – август 2021 година во однос на истиот период во 2020 година имаме  тренд на зголемување од 48 проценти на летови на двата аеродроми во земјава, од кои на скопскиот зголемувањето е 51, а на охридскиот 17,4 проценти. И во делот на карго превозот е регистриран раст од 60 отсто што е доказ за зголемување на операциите во однос на минатата година и упатува на раздвижување на авиосообраќајот, рече Бочварски.

На скопскиот Меѓународен аеродром моментно има летови кон 39 дестинации во Европа и светот, а на охридскиот кон 10 дестинации, но, како што подвлече министерот се работи на зголемување на оваа бројка.

„Нордвинд ерлалнс“ е една од најдобрите седум руски компании. Нуди летови во повеќе од 200 дестинации. Врши превоз од 95 градови во 20 земји и има над 650 летови неделно. Околу 150.000 патници ги користат нејзините услуги секоја недела. Во 2019 година, пред пандемијата „Нордвинд ерлјанс“ транспортирала скоро осум милиони патници. Авиокомпанијата оперира со 33 авиони „Ербас“ и „Боинг“.