САСА одбележа 15 години од повторното отворање на рудникот


Македонска Каменица, 12.06.2021 – Со признанија за сегашни и поранешни вработени, како и за партнерите на локално и национално ниво кои дадоа значаен придонес за успехот на компанијата во изминатиот период, САСА денеска ја одбележа 15-годишнината од рестартирањето на рудникот. На 12. јуни 2006 година САСА повторно го обнови производството на олово-цинкова руда, откако претходно во 2003 година беше покрената стечајна постапка со која рудникот беше затворен, што предизвика губење на работните места, социјална несигурност на многу семејства и економска стагнација на локалната област.


 

Во знак на одбележување на оваа значајна годишнина, САСА ја објави својата намера да даде значителен придонес, во вкупен износ од над 100.000 евра, во изградбата на новиот парк за млади „Младост“ во Македонска Каменица. Со овие средства ќе се финансираат градежните работи, инсталацијата на соодветна опрема за паркови, а ќе се засадат и дрва и други садници.

„Во последните 15 години САСА продолжи да работи и да се развива успешно, да придонесува за просперитет на заедницата и да обезбедува вработување и економска сигурност за многу луѓе и семејства, прераснувајќи во една од најуспешните македонски компании. За ваквиот голем успех најзаслужни се вработените на САСА, со нивната напорната работа и стручност“, изјави генералниот директор на Рудник САСА, Скот Јеланд.

Откако во 2017 година, компанијата Централ Азија Металс од Лондон стана сопственик на САСА, во рудникот се инвестирани над 30 милиони долари во набавка на нова, современа рударска опрема, во дигитализација на техничките процеси, во унапредување на безбедноста, подигнување на стандардите и работните услови во рудникот, како и во професионалниот развој и едукација на вработените во САСА. И во наредниот период најавени се интензивни вложувања во натамошниот одржлив развој на САСА.

„Управниот одбор на Централ Азија Металс веќе одобри дополнителни 20 милиони долари капитални вложувања во развојот на САСА. Во моментов соработуваме со надлежните министерства со цел да ја договориме имплементацијата на развојните проекти кои треба да обезбедат долгорочна одржлива иднина на рудникот. Паралелно со ова, ќе продолжиме да го поддржуваме и развојот на локалната заедница во области како што се спортот, образованието и грижата за најранливите во нашето општество. Среќни сме што сме во можност значително да придонесеме во изградбата на новиот парк ’Mладост’, во кој веруваме дека ќе ужива целата заедница на Македонска Каменица“, истакна Јеланд.