Самит Македонија 2025: Технолошкиот развој и вложувањето во човечкиот капитал клучни за економскиот развој


Зголемувањето на технолошкиот развој и конкурентноста на компаниите, инвестирањето во капитални проекти и вложувањето во човечкиот капитал треба да бидат во фокусот на државата за да се постигне забрзан економски раст и да се подобри животот на граѓаните. Од голема важност е и учеството на дијаспората и нивното инвестирање во сопствената држава.



Ваква порака испратија учесниците на денешниот прв ден на 9. Самит „Македонија 202“ кој поради пандемијата со Ковид -19 се одржува онлајн. Во фокусот на самитот се економските реформи и заздравувањето на економиите, а во следните два дена се очекува вклучување на над 400 високи претставници на институции и организации, дипломати, извршни директори, претприемачи, членови на академијата и млади лидери. Целта е во време на криза да се соберат позитивни знаења, искуства и добри практики и тоа да се искористи за развој на економиите.

– Државата е подготвена да не штеди пари, ресурси и потенцијали и да вложи во јакнење на технолошкиот и човечкиот потенцијал. Нашата предност е човекот. Генерално, имаме добро образование кое мораме да го преадаптираме на модерните трендови на потребите на пазарот на трудот, истакна премиерот Зоран Заев, кој заедно со евроамбасадорот Дејвид Гир учествуваше на првиот панел на самитот.

Порача дека во земјава нема евтина работна сила, туку квалитетна работна сила која треба да се преквалификува и да се помогне.

Во периодот на криза, како што посочи, со креираните антикризни мерки сочувани се 80 илјади работни места.

– Главната цел ни е да ја зголемиме конкурентноста на компаниите и да ги направиме бизнисите конкурентни. Граѓаните, бизнисмените и работниците успеаја да и пркосат на кризата и да ги зачуваат местата. Таргетиравме 200.000 работни места, по анализите сочувавме 80.000 работни места кои би биле изгубени ако не развивме вакви економски пакети, рече Заев.

Важна улога во развојот на економијата, според него, има и дијаспората, а особено важни се инвестициите на домашните иселеници во сопствената држава.