Расте цената на градежните материјали, ќе продолжи ли и растот на цената на недвижностите?


Како резултат на растот на цената на струјата на берзите, која игра значајна улога во трошоците, пораснаа и цените на градежните материјали. Производителите минатата година успеаја да не ја зголемат цената, иако имаа поголеми трошоци за набавка на струјата, но од почетокот на оваа година тоа беше неизбежно. Во цената на чинење за сите видови на цемент додаден е дополнителен варијабилен додаток за електрична енергија, која се пресметува согласно берзанската цена на струјата, а тоа е изразено на транспарентен начин преку конкретна пресметка која што е јасно изразена.

 

 

И според податоците од Заводот за статистика, во првото тромесечје од 2022 година, трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се зголемиле за 23.8%, а трошоците за материјали пораснале за 29.3%, во споредба со истиот период лани. Зголемен е и трошокот за вработените, кои во првите три месеци од 2022 пораснал за 12,5%. Ако се земе предвид дека енергетската криза продолжува и се очекува раст на цените на струјата и во следниот период, извесно е нагорниот тренд на цените во градежништвото да продолжи.

Производителите на цемент и градежен материјал во земјава „мака мачат“ и со одржување на конкурентноста. Додека компаниите од повеќето земји во Европа и во регионот добиваат струја по пониска субвенционирана цена, македонските компании, плаќаат висока, берзанска цена на струјата. Компаниите во Бугарија, Србија, Турција и на неколку други пазари, компаниите плаќаат 75 до 120 евра за MW. За истата количина на струја македонските компании плаќаат помеѓу 400 и 500 евра, а во слична ситуација се и компаниите од градежниот сектор во Косово и Албанија. Бугарските производители на цемент плаќаат 13 евра струја по тон, а македонските 40 евра по тон.

Како резултат на пандемијата, а потоа и на кризата цената на недвижностите значително порасна. По квадрат цената на становите е зголемена и до 500 евра, а во централното градско подрачје еден квадрат достигна и до 2000 евра. За да го спречи натамошниот раст на цената на недвижностите, Народна банка на Македонија ги задолжи комерцијалните банки да го зајакнат капиталот за 0,5% до август 2023. Оваа мерка е сигнал до банките повнимателно да го следат кредитирањето на станови.

Цената на становите во земјава континуирано расте, според податоците од Народната банка, растот започна во 2021 година како резултат на пандемијата, а годинава во вториот квартал цената на становите пораснала за 16, 5%.