Раст од 26,5 отсто на извозот во јануари годинава на годишно ниво


– Вкупната вредност на извозот на стоки од државава во јануари годинава изнесува 641 517 000 долари и бележи пораст од 26,5 проценти во однос на истиот период од претходната година, објави денеска Државниот завод за статистика.


 

Вредноста на увeзената стока во јануари годинава изнесува 757 165 000 долари, што е за 15,4  проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит во јануари годинава изнесува 115 647 000 долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и деловите на седишта од подгрупата 821.1. Во увозот се најмногу застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, керамичките производи за лабораториска,хемиска и индустриска употреба, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени.

Според податоците на ДЗС, во јануари годинава, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена државава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Кина и Грција.