Расправа по амандманите за буџетот – Секој издржан и реален проект ќе го прифатиме, вели заменик-министерот за финансии


Усвоена одлуката за бројот на попретседатели на Собранието - МИА

– Во Собранието од денеска се расправа по поднесените амандмани на Предлог-буџетот за 2021 година. Амандманите се разгледуваат во рамки на расправата во Комисијата за финансирање и буџет, а најголемиот број се поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.



На прес-конференција Тимчо Муцунски од оваа партија нагласи дека ќе инсистираат на итни и интервентни политики насочени кон намалување на загадувањето и справувањето со сите негативни појави во областа на животната средина.

-Преку консултација со невладината организација 02 Иницијатива, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе голем број амандмани кои ќе овозможат во краток рок да отпочне примена на конкретни политики, рече Муцунски.

На предлог-текстот се поднесени вкупно 528 амандмани, најголемиот дел од ВМРО-ДПМНЕ – 390 и останатите од  Алијанса на Албанците и Алтернатива.

Заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски во интервјуто за МИА, објавено викендов, наведе дека се разгледуваат амандманите во Министерството за финансии и дека секој предлог што е добар, издржан и реален ќе се обидат да најдат средства и да биде прифатен.

-Има повеќе амандмани, најголем дел се од областа на транспорт и врски, од локална инфраструктура, водоводи и слично. Со големо внимание тимот во Министерството за финансии ги разгледуваме сите и ја очекуваме амандманската расправа. Можам да кажам дека секој предлог кој е добар и воедно издржан, образложен, реален предлог, предлог кој е за доброто на граѓаните, ние ќе настојуваме да најдеме средства и да го прифатиме. Парламентот треба да биде место каде се дебатираат идеи како да го направиме подобар животот на граѓаните, истакна Ковачевски.

За капитални инвестиции и проекти следната година се предвидени во буџетот 373,7 милиони евра или за 20 отсто повисоки во однос на она што е проектирано последно за годинава. Овие средства се дел од поголем инвестициски пакет предвиден со петгодишната рамка, кој е во износ од 3,1 милијарда евра.

Со овие средства ќе се поддржат крупни капитални проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, заштитата на животната средина, кои имаат повеќегодишна рамка