Прв Регионален саем на социјалните претпријатија од Југоисточниот регион


– Во Струмица денеска се одржа првиот саем на социјалните претпријатија од Југоисточниот регион. Манифестацијата ја организираше Центарот за развој на овој регион, а се претставија 20 излагачи.


 

Според организаторите, социјалното претприемништво во Северна Македонија е во почетен развој, но постоечките социјални претпријатија покажуваат дека има потенцијал за раст и развој на овој концепт и кај нас.

-Овој саем е да ги промовираме потенцијалните социјални претпријатија, но и промоција на активностите и што поголем број на заинтересирани да го видат овој настан и да стапат во контакт со нас за да можеме во иднина повеќе да соработуваме и да ги поддржиме во остварувањето на нивните цели, рече Жулиета Ѓуркова, директорка на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Според излагачите еден од основните проблеми е недефинирањето на законските рамка за функционирање на социјалните претпријатија.

-Законските рамки не се доволно дефинирани и тоа што на сите ни треба за почеток тоа се претпријатија на кои треба многу да се работи и се потребни многу финансиски средства и се разбира заради тоа самиот продукт ќе биде поскап или понеконкурентен во однос на останатите. Значи, поддршка од државата, донатори и фондации, меѓутоа и соработка меѓу граѓанскиот, сектор, општината или некоја друга институција и бизниз секторот за да можеме сите заедно да може едно социјално претприемништво да биде успешно, рече Маријана Тошева, секретар на Црвен крст Струмица, организација која нуди повеќе социјални услуги.

На саемот се обрати и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

– Како општина, ќе се залагаме кон обезбедување на нови можности за соработка со граѓанските организации и социјални претпријатија, да ги промовираме нивните активности, да градиме јавно-социјално-приватно партнерство, да се изнајдат нови работни места на пазарот на трудот, како и да се објавуваат тендери со резервирани договори, се со цел да им се дадат поголеми шанси на граѓаните од ранливите категории за нивна поголема интеграција во општеството и на пазарот на трудот, рече Костадинов.

Првиот саем на социјалните претпријатија се одржа во рамки на проектот „Поддршка на социјално претприемништво“, поддржан од Европската Унија, кој го спроведува „Ептиса“, во конзорциум со „Барка и Екорис“, во соработка со Министерството за труд и социјална политика.