Програма за унапредување на човечките ресурси како клуч за развој на компаниите



– Компаниите, особено малите и средните, ќе имаат можност преку програма поддржана од Швајцарската амбасада и во партнерство со Стопанската комора, да работат на унапредување на човечките ресурси, со посебен акцент на жените и на младите како нововработени.


 

Од Стопанската комора на Северна Македонија велат дека покрај недостигот на кадар и неусогласеноста на квалификациите на вработените со потребите на бизнис секторот, се повеќе се укажува и на потребата од обука на вработените за компетенции кои не се стекнуваат низ формалното образование, а кои се клучни за работното место.

– Во таа насока идентификувана е потреба од поддршка на секторот за човечки ресурси во компаниите со цел поддршка и на стратешки развој на компаниите. Имено, во услови кога како општество во целост се соочуваме со недостиг општо на кадар и на квалификуван кадар дополнително. Паралелно има и проблем што компаниите не се во можност да ги следат инвестициските планови во кои работната сила е еден од клучните предуслови, истакна Даниела Михајловска од Стопанската комора на денешната прес-конференција.

Според Наташа Ивановска, сертифициран тренер и консултант за човечки ресурси, колку повеќе компаниите имаат вештини за управување со човечките ресурси, толку вработените ќе бидат попродуктивни, а со тоа компаниите ќе остваруваат поголеми приходи и ќе има поголеми плати.

– Платата е мотиватор, но за задоволството на едно работно место има прилично многу фактори. Колку повеќе се трудиме да креираме подобри услови за работа, толку тоа ќе биде подобро за сите. Бизнисите можат да направат повеќе и да го искористат она што се нуди преку вакви програми за да одат чекор напред со светските трендови, истакна Ивановска.

Искуството од Швајцарија покажува дека вклучувањето на компаниите во образовниот процес резултира со квалификуван кадар што е еден од клучните фактори за високата конкурентност на швајцарската економија.

– Успешните компании знаат дека вработените се најголемиот капитал и дека треба постојано да се вложува во нивното привлекување и развој. Исклучително е важно компаниите да направат уште еден чекор понапред и да се вклучат во развој на вештините на младите додека тие се уште се во образовниот процес, порача Анета Дамјановска, национален програмски офицер при Амбасадата на Швајцарија.

За утре е предвидено да се одржи вебинар со кој и официјално ќе биде претставена Програмата и ќе почне аплицирањето.

Програмата содржи неколку активности. Започнува со анализа на потребите на секоја компанија по што следува менторска програма за клучните позиции со обука. Планирано е да се изработи и прирачник за човечки ресурси и поврзување со универзитетите за привлекување практиканти.