Прв пат од независноста изготвивме Нацрт-стратегијата за развој на лозарството и винарството во наредните 10 години. Овој сектор, втор најголем извозник од делот на земјоделството, е исклучително значаен и затоа неговиот иден развој бара подолгорочен, конкретен и предвидлив стратешки пристап, рече денеска министерот министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
На презентацијата на Нацрт- стратегијата, Николовски напомена дека земјава има јасна цел и визија: зголемување на извозот на флаширано вино и на вредноста на извозот за 50 отсто, зголемување на вредноста на наливното вино за 10 проценти, најмалку три заштитени географски ознаки, обновување на лозовите насади за 30 отсто, за пет проценти зголемување на површината под лозови насади и 40 отсто од насадите на целата територија на земјата да бидат одржувани со примена на добра земјоделска пракса.
-Главната стратешка цел на оваа десетгодишна стартегија е зајакнување на конкуретноста на македонската винска индустрија во делот на лозарството и винарството, со цел искористување на целосниот потенцијал на индустријата. За да стане препознатлив вински бренд на регионалните и интернационалните пазари, преку фокусирање на локални сорти и поднебјата за истакнување на нивните најдобри карактеристики, истакна Николовски.
Вкупните капацитети за производство на вино се 1,72 милиона хектолитри, што е за два пати повеќе од вкупното производство на вино, додека пак капацитетите за производство на вино во шишиња се само 650 илјади хектолитри.
-Од вкупно 247 винарски визби, регистрирани до денес, 165 се физички лица односно семејни винарии и 82 правни лица, од кои 42 се со капацитет за преработка и чување со над 50.000 литри вино и во иднина треба да бидат двигатели на извозот на вино. Малите семејни винарии кои пред се насочени кон винскиот туризам и руралниот развој, како такви, треба да бидат предмет на континуирана поддршка на програмата за рурален развој и останатите програми за поддршка, со цел нивна поголема промоцијата и маркетинг за да имаат финализација на флашираното вино, рече Николовски.
Според него, визијата за развој на секторот е јасно отсликана со подготовката на новиот закон за вино, чие донесување ќе следи во 2023 година, а најголемите измени се однесуваат во делот на Географските ознаки и нивна заштита кои целосно се усогласени со Регулативата 1308/2013 од Европска Унија.