Претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо во посета на Македонија


Претседателката на Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) Одил Рено-Басо во вторникот, 31 мај, првпат ќе престојува во посета на нашата држава, при што ќе оствари средби со премиерот, министерот за финансии, банки од приватниот сектор и инвеститори.


 

Рено-Басо ќе учествува и на Скопскиот економски и финансиски форум, каде ќе има обраќање и ќе зборува за одржливиот раст и транзицијата на ниски вредности на јаглероден диоксид.

Како што најавија од ЕБОР, таа ќе потпише нов кредитен договор со Стопанска банка под новата ЕБОР програма насловена „Одржливо поттикнување на МСП” во износ од ЕУР 4 милиони, кредитна линија која ќе ги поддржува малите и средни претпријатија (МСП).

-ЕБОР е главниот инвеститор во Северна Македонија, која е важна дестинација за инвеститорите, за нас, но и за целиот регион на Западен Балкан, соопшти Одил Рено-Басо. 

Таа додава дека со нетрпение ги очекува дискусиите за нивните следни проекти со властите, вклучувајќи го и натамошно подобрување на транспортот и развој на приватниот сектор.

-ЕБОР стои до Северна Македонија во напорите на земјата да ја подобри енергетската безбедност и да направи декарбонизација на економијата, два предизвика кои се мошне важни во моменталниот геополитички и економски контекст, посочува Одил Рено-Басо. 

Претседателката на ЕБОР доаѓа во посета на земјата еден месец после посетата на потпретседателот за политика и партнерство на ЕБОР Марк Боуман, кој исто така беше во Скопје.

Дел од инвестициските проекти во земјата, кои се разгледуваат за поддршка, се изградбата на делот на интерконекцијата на гас меѓу Северна Македонија и Грција, делот од автопатот меѓу Скопје и косовската граница, подобрување на менаџментот со цврст отпад во земјата, како и поголем број на кредитни линии за локалните банки за подобрување на енергетската ефикасност, кои ќе бидат понатаму пласирани на МСП. Кредитите на ЕБОР ќе имаат и грант компонента обезбедена од донаторите од ЕУ, Обединетите Нации, Швајцарија, Шведска, САД, Норвешка, Луксембург и други донатори.

-Енергетската ефикасност е област каде ЕБОР и донаторите работат да и помогнат на Северна Македонија во транзицијата на земјата кон ниски вредности на јаглероден диоксид. Банката веќе има направено поголем број инвестиции во електричната мрежа и новите енергетски извори, правејќи ја земјата енергетски побезбедна и помалку зависна од увоз на гориво, се наведува во соопштението на ЕБОР.

ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над ЕУР 2,2 милијарди, во 161 проект во земјата.