Стопанската комора, која пред два дена апелираше Владата да го повлече Предлог-законот за данок на солидарност, денеска ќе одржи и прес-конференција на оваа тема.
На прес-конференцијата ќе присуствуваат претседателот на Комората Бранко Азески, потпретседателот Зоран Јовановски и извршниот директор Антони Пешев.
Стопанската комора на 4 јули годинава соопшти дека бизнис заедницата бара повлекување и запирање на Предлог-законот за данок на солидарност. Клубот 100, како најрепрезентативно тело на раководење во Комората, ја повика Владата да го повлече Предлог-законот и со тоа да покаже, како што беше наведено, сериозен однос кон укажувањето на најголемата и најбројна бизнис асоцијација во државата. Според Клубот 100, „јасна е намерата на Владата дека овој закон сака да го протне со европско знаме, кој ќе нанесе поголема штета, одошто добро“.
Комората оценува дека ваков данок, што се носи ад-хок, во втората половина на деловната година, создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори.