Потпишан меморандум за соработка меѓу M6 Едукативниот центар и СОС Детското село


Националниот директор на Здружението на граѓани СОС Детско село, г-а Јулијана Накова-Гапо и Извршниот директор на М6 Едукативниот Центар, г-а Елена Младеновска – Јеленковиќ  потпишаа меморандум за заедничка соработка за реализирање на заеднички активности.


 

Соработката меѓу овие две институции ќе биде насочена кон подобрување на севкупната социо-економска состојба во државата особено на децата, младите луѓе и семејствата, преку создавање можности за континуирано учење и унапредување на професионалниот развој на поединци и групи, спојување со бизнис секторот, поттикнување општествена и индивидуална одговорност и филантропија.

Децата и младите без родители и родителска грижа поддржани од СОС Детско село, но и семејствата во социјален ризик имаат право на подобра иднина и обезбедување на благосостојба за нивна подобра интеграција во социјалната средина.

Преку оваа соработка, младите поддржани преку програмите и проектите на СОС Детското село ќе бидат вклучени во програми за  практикантство и вработување во компании со кои соработува М6, бесплатни обуки, креирање на семинари, размена на искуства и други практики проекти.

СОС Детско село во нашата земја веќе 20 години ги поддржува децата и младите без родителска грижа и посветено работи на полето на социјалната превенција зајакнувајќи ги семејствата во социјален ризик. Имплементира многу програми и проекти за деца и млади во социјален ризик, како и проекти за градење на капацитети на институциите и професионалците кои работат во системот на згрижување на деца без родителска грижа. Активно ги застапува и лобира за детските права, како и за промени во законските акти со цел создавање на поволна средина и пружање на најквалитетни социјални услуги.

M6 Едукативниот центар e водечка институција за трансформации и општествен развој преку континуирано поттикнување на едукација, иновации, креативност и култура во секојдневниот и професионален живот, за индивидуи, компании и институции. Центарот работи на креирање на силна врска помеѓу бизнисот, студентите и стартап заедницата со цел градење на долгорочна и ефективна соработка. Со своите нови програми М6 Едукативниот центар работи на поврзување на студентите со бизнис и стартап заедницата со цел нивно задржување во државата, како и зајакнување на соработката меѓу компаниите.