Почнува со работа рудното тело со бакар „Боров дол“


– Официјално почнува со работа новото рудно тело со бакар „Боров дол“. Деновиве се пушта во работа рударската трака во должина од околу 6,6 километри која се простира од новото рудно тело „Боров Дол“ до флотацијата на рудникот „Бучим“ во Радовиш, кој е единствен рудник за бакар и злато.



Заменик генерален директор на рудникот „Бучим“, Николајчо Николов за МИА вели дека официјално на 1 јануари престана ископот на површинските копови на рудното тело „Бучим“, а во моментов се прави ремонт на погонот Флотација и се прават поправки на големите рударски машини.

– „Боров дол“ се простира на територија на општините Конче и Штип и само на 4 отсто од територијата на Радовиш. Според истражувањата на новото рудно тело има рудни резерви од 48 милиони тони бакар, што ќе значи и работа на овој рудник за минимум десет години. Годишно од новото рудно тело, кое се наоаѓа над селата Дамјан и Бест во општините Радовиш и Штип ќе се експлоатира руда од 4,5 милони тони, а до флотацијата ќе се пренесува преку рударската трака, вели за МИА Николов.

Тој забележува дека цената на бакарот во моментов е одлична или на светските берзи се продава по 8.000 долари за тон. Во секторот обоени метали или во  рудници за олово и цинк и за бакар работат 3.000 рудари и тоа во „Саса“, „Бучим“, „Тораница“ и „Злетово“. Останатите 13.000 работници се вработени во неметали и преработка на рудата. Во индустриското производство овој сектор учествува со 10, а во БДП со 1 процент.