Петрески: Помошта преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите во голема мера неефективна



ript>

Доделената државна помош преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите во голема мера била неефективна. Односно кај мерени 12 исходи постои позитивен резултат само кај вработеноста. Спротивно на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, помошта што се доделува преку Планот за економски раст, преку ФИТР е главно ефективна.


 

Тоа го истакна професор Марјан Петрески од Универзитет Американ колеџ Скопје на денешниот економски форум „Дали субвенциите создаваат подобри претпријатија? Или подобрите претпријатија добиваат повеќе субвенции?“, во организација на Институтот за економски политики Фајнанс тинк, на кој беа презентирани резултатите од импкт евалуацијата на ефектите од државната помош на мерките од Планот за економски раст.

Тој наведе дека спроведените истражувања покажале дека доделената државна помош придонела за одредено зголемување на бројот на работни места кај примателите на таа државна помош, додека кај сите останати индикатори, како што рече, не постојат резултати, значи тие не се негативни, меѓутоа отсуствуваат.

– Она што се зборува низ јавниот дискурс за како фирмите ја добиле таа државна помош функционираат добро и имаат позитивни резултати, главно се препишува на инвестицијата којашто тие ја направиле во годината пред да ја добијат доделената државна помош, додека ефектот од помошта е само овој кој што го спомнав, додаде Петрески.

Тој посочи дека спротивно на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, помошта којашто се доделува преку планот за економски раст, преку ФИТР е главно ефективна. Таму, како што рече, кај поголем дел од индикаторите имаме позитивни резултатити коишто се препишуваат на доделената државна помош.

– Тие индикатори се поголема продажба, поголема продуктивност на трудот, поголем профит, подобра ликвидност, поголем пазарен удел. Сите тие резултати јасно се препишуваат на доделените грантови преку програмата, истакна Петрески.

Вицепремирот за економски прашања Фатмир Битиќи посочи дека една од придобивките од планот за економски раст е што ги стимулирале домашните компании да размислуваат на среден, па и на долг рок. Да имаат, како што рече, стратешки пристап кон развојот, а секако со Законот им обезбедивме сигурност дека државата ќе стои покрај нив и ќе ги поддржува нивните инвестициски зафати.

– Како резултат на тоа преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции потпишани се договори за финансиска поддршка на вкупно 245 субјекти. Поддршката исплатена во овие три години изнесува нешто над 20 милиони евра и ќе продолжи и понатаму, а компаниите во своите бизнис планови за пет годишен циклус презентираа инвестиции од 411 милиони евра, од кои досега веќе инвестирале околу 150 милиони евра, посочи Битиќи.

Вицепремирот наведе дека преку инструментите на ФИТР обезбедиле поддршка за микро, малите и средни претпријатија.

– Таму портфолиото е уште поголемо, некаде околу 550 компании се поддржани, а нивните инвестиции се околу 75 милиони евра, од кои 60 отсто, или 42 милиони евра се средства за поддршка од страна на ФИТР, додаде Битиќи.

Тој истакна дека ефектот кој сакаат да го постигнат е да ги зацврстат домашните производствени компании, од една страна да бидат конкурентни на меѓународните пазари и да го зголемуваат извозот на производи со повисока додадена вредност, а од друга страна да стануваат се поатрактивни партнери на големите глобални компании и да се вклучуваат во синџирите за набавка. Само на тој начин, како што рече, би можеле да поттикнеме побрз но и одржлив раст и развој на домашната економија.

– Да го најавам единствениот регистар на државна помош, проект кој го започнавме на почетокот на оваа година заедно со Светската банка. Државниот регистар за државна помош ќе биде единствена точка за контакт за информации за државна помош. Процесот ќе биде комплетно дигитализиран од почеток до крај. Од информација, аплицирање и одобрување. Ова ќе придонесе за хармонизирање на планирањето и буџетирањето на државната помош, но секако и да се види ефектот на користење на јавните средства. Граѓаните и компаниите ќе добијат транспарентен и отчетен систем за државна помош во кој ќе биде сведено на минимум субјективното согледување и проценка. Дополнително преку овој систем ќе биде овозможено да се следат исплати за државна помош и ќе можат да се следат ефектите и влијанието на истата помош, образложи Битиќи.

Тој потенцираше дека уште еден значаен процес кој го започнале е и долгорочното планирање на државата.

– Тоа е Националната развојна стратегија 2021-2041 која покрај останатите аспекти на државно делување ќе даде јасен видик за целно насочување на државната помош за истата да даде уште поголем импакт, посочи Битиќи.