Пазар на органски производи во „Јавна соба“ – три саботи урбано шопинг доживување


– Свежи органски домати, краставици, пиперки, рукола, зелка, компири, органски јаболков оцет, маџун и кашкавал, се само дел од палетата производи кои ќе може да се купат на првиот Пазар за органски производи – ПАЗАР.орг што се отвора денеска во 10 часот на зелената тераса на „Јавна соба“, а ќе се одржува и следните две саботи, на 26 јуни и на 3 јули.


 

Да се подигне свеста кај граѓаните дека органската храна е поздрава, да се разбие стигмата дека е недостапна и скапа, како и да се поддржат домашните, локални производители, е целта на ова урбано шопинг доживување што го организираат „Јавна соба“, првата задруга на потрошувачи на органска храна „Добра земја“ и е-продавницата „Бакалница.нет“.

-Се враќаме на вкусовите на нашите баби и дедовци, но со нови технологии, знаења и квалитет. Идејата ни е промоција на домашните производители, но имаме и просветителска улога во целава приказна зашто сакаме потрошувачите да ги навикнеме на производи кои се произведени локално и кои се со висок квалитет. Редно е и децата, посебно оние од Скопје, да пробаат непрскано јаболко или домат или барем да видат каков е нивниот изглед и по што се разликуваат од индустриските, велат организаторите.

Посетителите на Пазарот ќе имаат можност не само да купат, туку и да дегустираат храна, како и органско вино од мали семејни винарии за кои никогаш не слушнале. Сè тоа ќе биде зачинето со добра музика и мини игротека за деца.