Пајковска: Претприемачкиот потенцијал на жените е неискористен извор за економскиот раст


– Претприемачкиот потенцијал на жените е неискористен извор за економскиот раст и вработеност кој треба да се активира. Затоа стратегијата за развој на женското претприемништво треба да има за цел економското јакнење на жените преку создавање на поволна бизнис клима и обезбедување поддршка за развој на нивниот претприемнички потенцијал со што ќе се придонесе кон развој на постоечките и отворање на нови претпријатија, креирање на нови работни места, а со тоа и јакнење на целокупната економија, истакна Јасна Пајковска од Центарот за управување со промени на обуката за дигитален маркетинг што се одржа во Охрид.


 

Обуката е дел од проектот „Мерки за зајакнување на женските бизниси по Ковид-19“ што го спроведува Центарот за управување со промени со поддршка „Balkan Trust for Democracy“. Целта е да се идентификуваат последиците и предизвиците со кои се соочуваат жените претприемачки во услови на Ковид-19 и да се обезбеди целосна поддршка преку унапредување на постоечките бизнис практики, дигитализација на процесите и политиките на управување и воведување на онлајн продажба и маркетинг.

– Ние сакаме да обезбедиме долгорочни решенија за раст и развој на женските бизниси како и предлог мерки за подобрување на владините програми насочени кон поддршка на компаниите во сопственост на жени. Идејата за спроведување на овој проект произлезе од воочените предизвици и проблеми со кои се соочија женските бизниси во текот на имплементирањето на претходен проект во прекуграничниот регион на Полог и Елбасан, нагласи Пајковска.

Таа вели дека во соработка со општинските власти ги мапирале женските бизниси во Скопје, Битола и Охрид, а контактирале и со стопанските комори кои работат во областа на женското претприемништво и врз основа на претходно воспоставени критериуми биле избрани девет бизниси, по три од секој град.

Бизнисите кои се вклучени во менторската програма се од различни сектори и тоа физикална и кинезитерапија, производство на здрава храна, едукативен центар, производство на декоративни предмети за домот, филигранство, изработка на дизајнерски накит, рачни изработки од бакар, дрво и слично.

– Беа спроведени и неколку индивидулни работилници согласно потребите за развој на секој од бизнисите. Значењето на дигитализацијата особено е зголемено во услови на пандемија кога контактите со клиенти се намалени или сведени на минимум, кога се практикува работа од дома и сл. Токму поради овие причини една од главните цели на проектот е да се воведат дигитализирани процеси кај женските бизниси, додаде Пајковска.