Онлајн самит за трговија со стоки за широка потрошувачка


– За да успеат домашните компании со своите производи да се пробијат на некој од странските пазари треба да имаат многу голема желба, упорност, посветеност и мотивација за да се постигне целта, но и поголема подготовка пред да влезат на тој пазар.


 

Ова го порача Илина Бакев, директорката на „Мамас“ Австрија во обраќањето во рамки на Седмиот самит за трговија со стоки за широка потрошувачка (FMCG) што денеска се одржува онлајн. FMCG  е трговски настан во организација на магазинот InStore и агенцијата „Кликер маркетинг“ што ги обединува професионалците од трговијата, дистрибуцијата, логистиката и сите други придружни дејности во индустријата за стоки за широка потрошувачка.

-За да се пробијат на некој од странските пазари нашите компании мора да учествуваат на локалните саеми за да може да ги прикажат нивните производи и да можат да им објаснат на купувачите каков е нивниот производ, а воедно и тие да можат да го пробаат. Мора да се знае и локалниот јазик и да има локален човек или консултант во тимот, како и посебни маркетинг активности на локалниот пазар, рече Бакев.

Нагласи дека е неопходно и константно тестирање и промена на стратегијата за настап  на пазарот.

Професорката по маркетнинг на Сараевскиот универзитет Селма Кадиќ-Маглајлиќ порача дека е клучно вклучувањето на вештачката интелегенција во процесот на маркетинг и продажба на производите.

-Во деловниот свет 63 отсто од компаниите во развиените земји користат некој вид на вештачка интелегенција во зголемувањето на приходите и намалувањето на трошоците. Најмногу корист имаат ако се користи во областа на маркетингот, но сепак не е можно да ги замени луѓето кои работат таму, рече Кадиќ-Маглајлиќ.

Порача дека луѓето кои работат во областа на маркетингот треба да користат алатки кои ќе им помогнат во промоцијата и продажбата зашто, како што рече, вештачката интелегенција може да им помогне полесно да им пријдат и да им ги презентираат производите на потенцијалните купувачи преку воочување на нивните лични карактеристики што може да се добијат преку податоците на интернет.

-Има многу корисни алатки базирани на вештачка интелегенција кои можат да помогнат во продажните активности, но сепак човечките ресурси се потребни и незаменливи. Тие само треба да знаат како да управуваат со алатките и да ги користат на најоптимален начин за да се зголеми продажбата, потенцира Кадиќ-Маглајлиќ.

Реј Гаул, коосновачот и извршен директор на Retail Cities, зборувајќи за можностите за продажба во 2020 година, инфлацијата, енергетската ефикасност и натрупување на залихи, им препорача на луѓето од секторот дека е тешко да го планираат буџетот за наредната година и оти треба да се сконцентираат на снабдувањето кога зборуваат со потенцијалните партнери, а не да им соопштуваат дека цените постојано растат. Инфлацијата во нашата земја, како што рече, прво ќе се осети во хипермаркетите како што тоа се случи во Италија.

На самитот 10 говорници од земјава регионот и странство зборуваат на актуелни теми за проблематиките кои го засегаат секторот, за начините како да се направи разлика, како мудро да се делува на сите предизвици, како да се употребат проверени практики, но и како да се опстои во несигурни времиња кои стануваат константа во работењето и конечно како да се има победничка визија. Тие преку своите презентации, на настанот наменет за трговци, производители, дистрибутери, за придружната индустрија и за сите професионалци од секторот, говорат на актуелни и предизвикувачки теми за целокупната малопродажна индустрија.