Онлајн работилница на ФАО за климатски-паметно земјоделство и органско производство на зеленчук



– Во рамки на VIII Симпозиум за Југоисточна Европа (ЈИЕ) за зеленчук и компири што се одржува овој викенд во Охрид, денеска ќе се одржи онлајн работилница на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) за климатски-паметно земјоделство и органско производство на зеленчук во заштитено одгледување.


 

Симпозиумот е организиран од Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Кирил и Методиј’’ – Скопје и Земјоделско-ветеринарниот факултет при Универзитетот „Хасан Приштина“- Приштина, со поддршка од ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија.

Работилницата ја организира Регионалната работна група на ФАО за стакленичко производство во ЈИЕ, формирана за да ја олесни соработката меѓу земјите од ЈИЕ за размена на знаење и поддршка на иницијативи за истражување и развој во насока на зајакнување на националните капацитети и надградба на технологите за стакленичко производство. Учесници се научници од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Косово, Република Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција.

Говорејќи на отворањето на симпозиумот, Набил Ганги, заменик-регионален претставник на регионалната канцеларија на ФАО за Европа и Централна Азија, истакна дека ФАО дава висок приоритет на одржливото производство на зеленчук и компири, што придонесува на глобалниот мандат на ФАО за искоренување на гладот, неухранетоста и сиромаштијата, подобрување на земјоделската продуктивност, како и одржливо управување со природните ресурси и постигнување на целите на ОН за одржлив развој.