НСИ бара национален консензус за извозот и поголеми инвестиции во образованието

branko azeski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателот на Националниот совет за извоз и на Стопанската комора, Бранко Азески при денешната посета на компанијата „Џонсон Мети“ во ТИРЗ-Скопје1, како прва активност на новоформираниот Совет каде што се вклучени претставници на владини институции и приватниот сектор, порача дека ќе се оди со конкретни предлози со кои треба да се постигне национален консензус за извозот. Управителот на компанијата „Џонсон Мети“, Борјан Борозанов, пак, ја истакна важноста на образованието како клучен фактор кој води до поголема додадена вредност и поголем извоз на долг рок.

– Доста е од констатации, ќе одиме со конкретни предлози со кои треба да се постигне национален консензус за извозот, Само пет проценти од македонските компании извезуваат. Тоа е поразителна бројка, порача Азески истакнувајќи дека промената на оваа состојба е првата и основна задача на Националниот совет за извоз.


Како што рече Азески, многу мал број компании во нашата држава се вклучени во ланците за снабдување на странските инвеститори. Тоа е наша одамнешна активност што треба да добие на интензитет, посочи Азески.

На Македонија, оцени, и е судено алфа и омега за нејзиниот опстанокот е да биде извозот и мора да поставивме приоритети кои тоа ќе го поддржат. Заради тоа првата посета на Советот е на најголемата извозна компанија во Македонија „Џонсон Мети’, која со својот пример на работење покажува како треба да се насочуваат и другите наши национални институции и компании кои излегуваат на отворениот пазар.

Азески соопшти и дека само 440 производи се со компаративни предности и порача дека тоа е една од целите која треба да се надоградува.

– Моја генерална оценка е дека и ние и политичките чинители во државава одиме кон процес на определување приоритети и постигнување консензус. Од приоритетите клучно е да постигнеме договор околу економијата како врвен приоритет во наредните 10 години, како поддршка на извозот во наредните 10 години како клучна компонета на развојот, но и регионалната соработка, наведе Азески кој меѓу другото порача дека на бизнисот му треба учество во конципирањето на законите, а не во Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР).

Управителот на компанијата „Џонсон Мети“, Борјан Борозанов, истакна дека образованието е една од конкретните активности која води до поголема додадена вредност и поголем извоз на долг рок

– Покрај тоа што сме значаен дел од локалната економија, нашата улога ја гледаме и како обврска да помагаме колку што е можно поврзано со една од конкретните активности која води до поголема додадена вредност и поголем извоз на долг рок, а тоа е образованието, рече Борозанов.

Тој информираше дека во вработените на компанијата но и во многу различни програми тие инвестираат за поддршка на Хемиски факултет, Фармацевтски факултет итн.

– Имавме околу 40-ина практиканти сега во изминативе неколку месеци и планираме тоа да го удвоиме во наредниот период. Но една работа што е специфична за „Џонсон Мети“ што сакам да ја потенцирам, што многу компании ја немаат, е таканаречениот концепт на волонтерски денови. Нашите вработени над илјада волонтерски денови придонесуваат во активности поврзани со трансфер на знаење или помагање на локалната заедница, порача Борозанов.

Тој исто така подвлече дека иако „Џонсон Мети“ се знае како странска компанија, со преку 200 милиони инвестирања во земјава за период од 14 години веќе е македонска компанија со странски капитал којашто продажбата за целата група ја остварува преку нашата земја.

– Драго ни е што сме мост за Македонија, со преку 40 извозни пазари и се надевам дека дел од нашето искуство, особено околу аспектот на промоција на извозот можеме да го пренесеме и на локалната заедница, изјави управителот на „Џонсон Мети“.

Во одговор на новинарско прашање околу пречките на странските компании за вршење бизнис во земјава Борозанов рече дека клучниот момент за сите компании е предвидливоста во бизнисот пред какви било одлуки во врска со инвестициите.

– Тоа е нешто што треба да инвестираме сите за бизнис климата да биде без поголеми турбуленции и без необјаснети изненадувања, рече Борозанов.

На прашање за невклучувањето на домашните добавувачи тој го повтори значењето на образованието и рече дека ако има агресивни инвестиции во образованието тоа ќе се врати на долг рок.

Во коментар на неодамнешните изјави на министерот за економија, Крешник Бектеши, дека владините мерки дале резултат за намалувањето на инфлацијата и оти таа до јуни ќе се намали на пет проценти, Азески рече дека  не е голем оптимист бидејќи состојбата во светски рамки е се уште загрижувачка. Сите институции, подвлече, треба да бидат спремни во секој момент.

– Оние информации со кои располагаме зборуваат дека ништо така брзо нема да се случи, ако останат овие оценки за меѓународната, регионална состојба, состојбите кај нас, изјави тој.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK