Нобеловецот Пол Кругман на Економскиот и финансиски форум во Скопје


– Американскиот професор, економист и автор Пол Кругман, лауреат на Нобеловата награда, доаѓа во Скопје. Кругман ќе има свое 30-минутно обраќање на отворањето на годинашната конференција на Економскиот и финансиски форум (СЕФФ), платформа за дијалог на економски и финансиски теми, која минатата година ја иницира Министерството за финансии.


 

Втората конференција на СЕФФ ќе се одржи на 30 и 31 мај 2022 година во Скопје. Насловната тема „Одржување на растот во време на неизвесност и потоа“ е разложена на четири столба: Макроекономски предизвици во турбулентни времиња, Отпорност, конкурентност и регионална соработка, Енергија, зелена транзиција и инфраструктура и По кризата: двигатели за одржлив раст.

Покрај Кругман, меѓу потврдените учесници се и други истакнати економисти, високи претставници на меѓународни финансиски институции, министри за финансии, гувернери…, кои ќе ги образложат своите гледишта и ќе дебатираат на еден од осумте панели на #СЕФФ2022.

Пол Кругман е претставник на неокејнзијанската школа и се смета за еден од највлијателните економисти на денешницата. Освен по редефинирањето на теоријата за меѓународна трговија, познат е и како основач или коосновач на неколку нови дисциплини во меѓународната економија – од новата трговска теорија (НТТ) и новата економска географија (НЕГ) до модели на финансиски кризи и движења на девизниот курс.

Во својата кариера, предавал на престижни универзитети како „Јеил“, Институтот за технологија на Масачусетс (МИТ), „Принстон“, „Стенфорд“ и на Лондонското училиште за економија. Од 2015 година е професор по економија во Центарот за постдипломски студии на Градскиот универзитет на Њујорк и научник во центарот „Стоун“ за социоекономска нееднаквост.

Плоден е и како автор, со долга листа на публикации, од економски и политички бестселери за широка публика до учебници и академски трудови за макроекономијата, движењето на девизниот курс, меѓународен развој, меѓународна трговија и економска географија. Автор или уредник е на 27 книги и повеќе од 200 академски трудови објавени во стручни списанија. Особено е популарна неговата колумна што ја објавува на страниците на „Њујорк тајмс“.

Кругман ја доби Нобеловата награда за економија  во 2008 година за истражувањето кое ги редефинира постојните теории за меѓународната трговија и економска географија и ги преориентира натамошните истражувања на овие теми. Покажувајќи ги ефектите на економиите на обем врз трговските модели и врз локацијата на економската активност, тој поставува нов модел на меѓународна трговија.