Нето задолжување од 59,3 милијарди денари во странство и од 21,6 милијарди денари на домашниот пазар


–  Дефицитот и отплатата на надворешниот и на домашниот долг кои се во износ од 11,8 милијарди денари, или вкупно 54,5 милијарди денари, ќе се финансираат преку задолжување на меѓународниот и домашниот пазар, информираше министерот за финансии Фатмир Бесими, претставувајќи го ребалансот на Буџетот за 2022 година.


 

Со оглед на актуелните економски и надворешно-политички состојби, оваа година поголем фокус ќе биде ставен на финансирање од меѓународните пазари. Ваквата определба, укажа тој, ќе овозможи повеќе пари од домашниот банкарски сектор да бидат искористени во македонската економија, а дополнително, преку надворешните извори за финансирање ќе се зголемат државните девизни резерви.

-Во рамки на домашното задолжување, кое е предвидено на ниво од 21,6 милијарди денари,  превидено е задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност или заем. Задолжувањето во странство на ниво од 59,3 милијарди денари ќе се реализира преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции наменети за финансирање на одделни проекти како и задолжување заради финансирање на буџетскиот дефицит, рече Бесими, дополнувајќи дека за финансирање на буџетскиот дефицит се предвидени средства од ММФ,  како и средства од меѓународниот пазар на капитал преку издавање на должнички хартии од вредност.

Министерот за финансии посочи дека во услови на енергетска криза, здравствена пандемија и војна во Украина, условите на меѓународните пазари на капитал се променливи и тешко предвидливи. Затоа, наведе, со цел да се обезбеди непречено финансирање на буџетските потреби, како и да се намалат ризиците за рефинансирање, оваа година во буџетот се става готовински бафер, којшто нема да биде потрошен во тековната година, односно ќе обезбеди средства за претфинансирање на следната година во износ од 38,1 милијарда денари.

Во одговор на новинарско прашање Бесими појасни дека задолжувањето, пред се, се сведува на отплата на долгови дома и во странство од 11,8 милијарди денари или околу 200 милиони евра,  а остатокот е за покривање на дефицитот од 42,7 милијарди денари, односно тоа се некаде 696 милиони евра.  Исто така ќе забележите во самиот буџет има повисок износ. Повисокиот износ, од ова што е 700 милиони од дефицитот е во однос на зголемување на депозитите на државата односно на трезорот кај Народба банка со оглед на неизвесноста на финансиските пазари. Ние во Буџетот имаме предвидено исто така бафер или резерви во депозитите во однос на финансирањето на Буџетот не само за 2022 , туку и за 2023 година.Тоа е дефинирано во Буџетот со цел да можеме исправно да ги оптимизираме нашите потези на меѓународните финансиски пазари со цел најоптимално да се задолжиме во однос на потребите за финансирање на Буџетот.  Финансирањето предвидено во самиот Буџет како прилив изнесува 54,5 милијарди денари од кои домашно 27,1 и странско 65,5.  Ако ги гледаме  бруто и на тоа ќе одземаме 11,8 милијарди, тоа се 42,7 милијарди колку што е дефицитот за потребите за финансирање.  Доколку ги гледаме на нето основа  домашното нето задолжување би било 21,6 милијарди, а странското 59,3 милијарди денари. Со тоа значи се финансираат потребите за дефицитот на Буџетот, но и се зголемуваат депозитите на трезорот во НБ доколку финансиските пазари покажуваат поволни прилики во однос за потребите за оваа и за наредната година, образложи Бесими. 

Тој информираше и дека се финализираат деталите од договорот за бараните средства од ММФ, потенцирајќи дека сме квалификувани за најавениот инструмент за користење е добар сигнал и за финансиските пазари.

-При крај сме за финализирањето на деталите од тој договор и во наредниот период, значи додека трае процедурата за донесување на Буџетот, откако ќе се заврши таа процедура веќе ќе бидеме во финална фаза каде што точно ќе имаме можност да ги повлечеме срдствата за кои што ќе се договориме, а исто така за разликата од тоа ќе се обезбедат други финансиски инструменти во земјава и во странство, рече Бесими.