НБ преку проект на ГИЗ ги зајакна капацитетите на небанкарските финансиски институции во земјава


– Успешно заврши проектот на Народната банка (НБ) за јакнење на капацитетите на небанкарските финансиски институции за коишто таа е регулатор, остварен со поддршка од Глобалната програма за борба со нелегални финансиски текови при Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), информираат од Кабинетот на гувернерот.



Во рамките на проектот, додаваат, Народната банка спроведе обуки за  давателите на услугата брз трансфер на пари и нивните субагенти и за овластените менувачи.

-Преку обуки и постигнување уште поголема упатеност во регулативата, Народната банка засилено вложува во јакнењето на капацитетите на небанкарските финансиски институции за коишто таа е регулатор. Преку проект поддржан од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), Народната банка во текот на декември минатата година и јануари оваа година, спроведе обуки за над 100 овластени менувачи и за давателите на услугите брз трансфер на пари и за 150 нивни субагенти во земјата, соопшти НБ.

Посебен дел од обуките, се вели во соопштението, им беше посветен на резултатите од Националната проценка на ризикот, како и на промените на Законот за СППФТ коишто ќе следат како резултат на усогласувањето на овој закон со Петтата директива на Европската Унија за спречување перење пари и финансирање на тероризам СППФТ.

-Целта на ваквите обуки е зголемување на свесноста и капацитетот на давателите на услугата брз трансфер на пари и нивните субагенти и на овластените менувачи за спроведување на своите обврски во овој сегмент на работењето, велат од НБ.

На настаните коишто се одржаа виртуелно, посочуваат, се дадоа одговори и на повеќе прашања за коишто вршителите на услугата брз трансфер на пари и овластените менувачи искажаа интерес. Притоа, учесниците го изразија своето задоволство што регулаторот и на ваков начин придонесува за јакнење на нивните капацитети.

-Како резултат на овој проект поддржан од ГИЗ, Народната банка ќе објави и Циркулар за најдобрите практики коишто  давателите на услуги брз трансфер на пари треба да ги имаат предвид при спроведувањето на мерките и активностите од Законот за СППФТ, порачуваат од НБ и потенцираат дека со одржувањето на обуката за овластените менувачи, минатата недела, успешно заврши повеќемесечниот проект поддржан од ГИЗ.