Народната банка продолжува со вложувањето во едукацијата и професионалната надградба на економските кадри


– Народната банка (НБ) продолжува со остварувањето на стратегиската определба за придонес и вложување во едукацијата и професионалната надградба на економските кадри во земјата и во регионот. За таа цел, како што посочуваат од НБ, се вклучи и во 44. регионален курс за основните прашања на меѓународната економска агенда за земјите во транзиција организиран од Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (УНКТАД) и Економскиот факултет во Скопје, којшто се одржува деновиве.


 

-Во рамките на курсот, којшто е од меѓународен карактер, се разработуваа повеќе актуелни прашања од областа на меѓународната економија значајни за земјите во транзиција: политики на економски развој, современи трендови во меѓународната трговија и финансиите, предизвици на мултилатералниот трговски систем, трговска логистика, регионални трговски договори, дигитална економија, странски директни инвестиции, технологија и иновации. Народната банка даде свој придонес во делот на курсот посветен на мултилатералниот трговски систем и носењето на трговската политика. Поконкретно, експерт од Народната банка, Дијана Јаневска-Стефанова, самостоен советник од Дирекцијата за монетарна политика и истражување, одржа одделна сесија којашто беше посветена на економската интеграција на земјите од Источна Европа во форма на размена на стоки со странство и директни инвестиции, анализирајќи ги минатите и актуелните трендови, соопшти НБ.

На оваа сесија, се вели во соопштението, се обработуваше динамиката и промената на географската насока и производната структурата на надворешната трговија кај земјите во Источна Европа, поделени во три посебни групи земји (балтички земји, земји од Централна и Југоисточна Европа и земји од Западен Балкан), во последните 25 години. Во вториот дел беа разгледани динамиката и структурата на директните инвестиции во земјите од овој регион, како и нивното влијание врз трговската структура. Исто така, посебен акцент беше ставен на трговските и инвестициските врски на македонската економија и дали и колку  забележаните промени соодветствуваат на искуствата од останатите земји од анализираниот регион.

Неодамна, Народната банка и Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје склучија и меморандум за соработка, со којшто се обезбедува простор за поголем придонес на Народната банка во образовниот процес и едуцирањето идни и постојни кадри. Учеството на курсот организиран од УНКТАД во соработка со Факултетот е во рамките на спроведувањето на меморандумот.