Народна банка: Економијата е стабилна



 

Економските текови се стабилни, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата предизвикана од ковид-19 и натаму постојат, како во глобални рамки, така и во рамките на домашната економија, оцени Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

По намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во три наврати од почетокот на годината, на последната седница на Комитетот е одлучено таа да се задржи на нивото од 1,5%.

„Намалувањето на основната каматна стапка до тековното ниво, како и досегашното позначително намалување на понудениот износ на благајнички записи придонесоа за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. Со оглед на веќе извршеното олабавување, а при и понатаму присутни ризици, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Истовремено, на седницата беше оценето дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка во април и мај е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари“, се наведува во соопштението.

Од Народната банка наведуваат дека последно расположливите показатели за економската активност за третиот квартал посочуваат на забавување на падот, во услови на намалување на рестриктивните мерки и приспособување на однесувањето на субјектите на новонастанатите околности.

„Видливо забавување се забележува кај годишните стапки на пад на индустријата, што е во согласност и со закрепнувањето на извoзната активност. Нешто подобри се и остварувањата кај градежништвото, прометот во угостителството и кај трговијата. Показателите за личната потрошувачка и инвестициите, исто така упатуваат на одредено закрепнување во овој период. Во однос на проекциите на Народната банка, послабите остварувања во првото тримесечје, како и оцените за продолжен ефект од здравствената криза упатуваат на надолни ризици за економските изгледи“, заклучи Комитетот.

Во соопштението се наведува дека инфлацијата и во првите десет месеци од 2020 година е умерена и стабилна и во просек на годишна основа изнесува 1%.

„Структурно гледано, цените на храната имаат најголем придонес во вкупната инфлација, а позитивен е придонесот и на базичната инфлација. Енергетската компонента и натаму се намалува во согласност со поместувањата на светските цени на енергенсите. Остварената инфлација е над проекцијата за 2020 година од 0% во 2020 година. Во услови на намалување на економската активност и пад на увозните цени, ваквите отстапувања укажуваат на влијание на специфични фактори поврзани со пандемијата врз понудата и побарувачката врз цените на одредени производи. Во следниот период и понатаму има ризик од променливост на увозните цени, особено во услови на пандемија“, соопшти Народната банка.

Последните податоци за девизните резерви покажуваат дека тие и понатаму се на соодветно ниво и во сигурната зона.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за октомври покажуваат нивен натамошен солиден годишен раст, којшто е во согласност со очекувањата.

Во периодот од последната, октомвриска, седница на Комитетот па наваму, ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута и натаму се зголемува, што придонело за повремена и ниска потреба кај банките за тргување со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари.