Напредни технологии за градење и вештини за енергетска ефикасност за поголема конкурентност на градежниот сектор


– На градежниот сектор му се потребни напредни технологии за градење и вештини за енергетска ефикасност за тој да биде конкурентен на европскиот пазар. Голем дел од работниците во овој сектор не се доволно обучени и сертифицирани што ги прави неконкурентни на пазарот на труд.


 

За таа цел, Стопанската комора на Северна Македонија во партнерство со универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и во соработка со уште четири други држави, започнува проект во рамки на програмата „Хоризонт 2020“ со кој се очекува да се подигне конкурентноста на овој сектор.

– Важно за нас е да продолжиме во овој сегмент бидејќи ако некаде слабо влегуваат напредните технологии, тоа е градежниот сектор. Тој е еден од оние сегменти кој заостанува, а иднината оди во правец на тоа Европската унија да сака компании кои се подготвени да одговорат на предизвиците кои бараат градењето да биде енергетски ефикасно и одржливо со употреба на напредни материјали и техники, истакна извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев на денешната прес-конференција на која беше претставен проектот „Одржливи енергетски вештини во градежништвото“.

Според Христина Спасеска, проректор на скопскиот Универзитет, клучот за успешен премин кон зелената економија се квалитетните обуки на градежните работници, инженерите и сите останати професионалци кои работат во овој сектор.

– Градежниот сектор е специфична економска гранка каде голем дел од работниците немаат формално образование или не се сертифицирани за тоа што го работат. Тоа ги прави компаниите неконкурентни во бизнис секторот, но и работниците неконкурентни на пазарот на труд, смета Спасевска, според која многу значајно е и формалното образование.

Досега, во рамки на претходни три проекти обучени се околу 1.800 градежни работници, направени се 14 различни програми за обука и подготвен е патоказ за тоа кои вештини им се потребни на работниците. Она што се очекува од новиот проект е широка електронска база на меѓународно ниво во која ќе има податоци за сертифицирани работници, провајдери на обуки и за компании во кои ќе може да се вработат сертифицираните лица.

Од Стопанската комора на Северна Македонија велат дека има интерес од градежните компании и оти процесот на дигитализација во градежништвото е почнат.