НАИТМ: Ако сакаме успешна туристичка сезона, да се вакцинираме и да се промовираме како сигурна дестинација


– Ако сакаме да имаме успешна сезона, мора да работиме уште од сега, да ја промовираме земјава и да се позиционираме. Доколку не стигнеме во каталозите на странските туроператори, многу тешко ќе ја продадеме дестинацијата. Но, исклучително важно е и државата да ја заврши својата работа – да спроведе имунизација што е можно побрзо, да покажеме дека сме сигурна дестинација, порача денеска Националната асоцијација за дојдовен туризам во Македонија (НАИТМ).


 

Во рамки на Петтата македонска туристичка берза, НАИТМ апелира за промоција на земјата да се искористат и сите дипломатски конекции.

-Имаме преку 70 странски тур-оператори буквалкно од цел свет, пријавени од Канада и САД, но во најголем дел од Западна Европа. Продуктот што го нуди земјава и потребата на странските туристи во моментов од Западна Европа, комплетно се совпаѓаат. Ние треба да направиме промоција и да ги пресретнеме тие потреби со нашата понуда, истакна претседелот на НАИТМ, Влатко Сулев.

Според Асоцијацијата која е организатор на Берзата, домашниот туристички сектор мора да се прегрупира и да се подготви за периодот што следи, зашто отворањето на границите е се поблиску, а туристите веќе ги планираат своите одмори.

-Тоа што следи, треба да се искористи. Ако сакаме да имаме резултати, мора да си изработиме домашната задача пред да се отворат границите. Ова ни е шансата да по овој тежок период, сите заеднички да ставиме акцент на отворање бизнис можности, рече Сулев.

Тој најави интензивна промоција на земјава за нејзино, како што рече, успешно позиционирање на странските пазари.

-Да се искористат и сите дипломатски конекции за да не бидеме како лани – држава во која не може да се пристигне. Едно од решенијата е тоа што го предложивме, а Владата го прифати – бесплатни ПЦР тестови за странски туристи, порача Сулев.

Утре, информира, домашните тур-оператори и хотелиери виртуелно ќе имаат средба со еминентни колеги од странство.

-Пред пандемијата овој сектор во континуитет имаше зголемување на бројот на туристи, но и во делот на приходите. Ние како Министерство и како Влада сме повеќе од заинтересирани да го поддржиме овој многу важен сектор. Како што направивме со претходниот сет мерки, така ќе продолжиме и со петтиот, а истовремено годинава ќе бидат импементирани и сите програми кои произлегуваат од Стратегијата за развој на туризмот, истакна Бектеши, додавајќи дека над 70 странски тур-оператори ќе бидат во контакт со нашите туристички агенции со цел да се привлечат што повеќе туристи.

Експо делот на Петтата македонска туристичка берза ќе биде проследен од преку 30 светски новинари од областа туризам, меѓу кои соработници на „Форбс“, „Лоунли планет“ и „Нешнал џиографик“. Настанот, како што рекоа од НАИТМ, го следат и стотина регионални тур-оператори.