МТСП: Јануарската пензија зголемена за 1,2 отсто по основ на усогласување со пораст на трошоците за живот


– Министерството за труд и социјална политика информира дека пензионерите со јануарската пензија ќе добиваат поголема пензија по основ на усогласување на пензијата со порастот на трошоците за живот кои во второто полугодие од 2020 година во однос на првото полугодие истата годинa изнесуваат 1,2 отсто. Зголемувањето на пензијата, велат од МТСП, во номинална вредност изнесува 185 денари на ниво на просечна пензија и 134 денари на ниво на најниска пензија.



-Редовното законско усогласување на пензијата се врши два пати во годината од 1 јануари и 1 јули секоја година според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот, што обезбедува одржување на економската вредност и куповната моќ на пензијата. Почнувајќи од 2019 година покрај редовното усогласување се предвидува и дополнително усогласување во случај доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4 отсто, се вели во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.

Покрај овие два начини на усогласување од 2020 година врз основа на одлука од страна на Владата на Република Северна Македонија може да се изврши уште едно дополнително усогласување во случај кога има пораст на минималната плата во тековната година за повеќе од 15 проценти и пораст на просечна плата во претходната година за повеќе од 5 проценти.