Митреска: Монетарната политика и натаму олабавена како поддршка на економското закрепнување


Митреска за МИА: Народната банка не може и не смее да дозволи банка да работи спротивно на законската регулатива - МИА

– Македонската економија ја поминува КОВИД-кризата релативно подобро во однос на дел од земјите во регионот. Монетарната политика и натаму ќе биде олабавена, како поддршка на економското закрепнување и одржување на кредитниот циклус,  рече вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска на панел-дискусијата „Монетарната политика во 2021 година“ организирана од реномираната инвестициска банка „Вуд и компанија“.


 

Во своето излагање, Митреска истакна дека со олабавувањето на мерките за спречување на ширењето на вирусот и повторното активирање на глобалните синџири на производство, падот на економијата во втората половина од годината значително забави.

-Со оглед на вклученоста во глобалните синџири на производство и со помалото учество на услугите во вкупните текови, економијата на кус рок полесно го издржа товарот на кризата, оцени вицегувернерката.

На панел-дискусијата се разговараше за прашања поврзани со последиците од корона-кризата врз економскиот раст во изминатата година и економските изгледи за оваа година, а особено се разгледаа досегашните монетарни мерки и очекувањата за монетарната поставеност во следниот период.

Во однос на изгледите за оваа година, беа искажани очекувањата за закрепнување, при глобални очекувања за подобра епидемиолошка состојба, задржување на поволните финансиски услови и натамошно зајакнување на довербата, што ќе има позитивни преносни ефекти и врз домашната економија.

-Слично како и другите централни банки, Народната банка во 2020 година обезбеди монетарен стимул и регулаторна флексибилност, со што ѝ даде важна поддршка на економијата преку олабавување на финансиските услови и обезбедување дополнителна ликвидност во банкарскиот систем, истакна Митреска за монетарната политика.

Во однос на идната монетарна поставеност, вицегувернерката посочи дека монетарната политика и натаму ќе биде олабавена како поддршка во процесот на закрепнување на економијата и одржување на кредитниот циклус, а во услови на комфорно ниво на девизните резерви. Притоа, таа истакна дека задржувањето на кредитниот циклус е одраз и на поволната ликвидносна и капитална позиција на банкарскиот систем, заради чие натамошно дополнително зајакнување е и одлуката на Народната банка за привремено ограничување на распределувањето и исплатата на дивиденда на акционерите на банките.