Меѓународна конференција за плаќања и пазарна инфраструктура


– Народната банка во соработка со Централната банка на Холандија денеска и утре ја организира Тринаесеттата конференција за плаќања и пазарна инфраструктура насловена „Плаќањата во дигиталната ера: од внатре кон надвор“. Конференцијата за првпат ќе се одржи во виртуелен формат, поради пандемијата на Ковид-19.

 

 

Конференцијата има меѓународен карактер и најавено е присуство на претставници од Европската централна банка и националните централни банки од Европската Унија, Федералните резерви на САД, централните банки на земјите од регионот, Светската банка, Европската комисија, странските деловни банки, домашните регулатори, домашниот банкарски сектор, како и домашните и странските небанкарски институции коишто се засегнати во доменот на платежните услуги.

Носителите на политики и експертите ќе разговараат за најновите трендови и предизвици што произлегуваат од влијанието на новите технологии врз пазарот на платежни услуги, промената во навиките за плаќање во дигиталната ера, можностите и предизвиците од отвореното банкарство, трансформациите водени од финтек-компаниите, отпорноста на дигиталниот простор, како и дигиталните валути издадени од централни банки.