Македонската развојна фондација за претпријатија организираше онлајн настан „CreatINNES – Креативност и претприемништво. Поврзаност и важност”


– Македонската развојна фондација за претпријатија денеска одржа онлајн настан на тема „CreatINNES – Креативност и претприемништво. Поврзаност и важност”. На настанот учествуваа повеќе од 200 креативци, фриленсери, студенти, бизнис почетници и претставници на бизнис секторт. Реномирани експерти од Северна Македонија, Бугарија и Германија споделија успешни примери од областите на дизајн тинкинг, визуелно брендирање, претприемништво, иновации и креативни вештини.


 

-Визуелното брендирање е една од најдобрите алатки за комуникација со вашите клиенти. Toa може да ви помогне да создадете моќен бизнис идентитет, порача д-р Петјо Будаков, основач и извршен директор на агенцијата за реклами и графички дизајн Будаков Филмс која работи во Бугарија и во Германија.

Димитар Смилјановски од Македонската развојна фондација за претпријатија и д-р Волфганг Книејски од Европскиот институт за иновации и развој на технологија (EIT) ја истакнаа поврзаноста и важноста на претприемачките и креативните вештини за развој на успешен бизнис модел. Тие посочија како може да се развијат овие вештини и кои можности им стојат на располагање на сегашните и идните претприемачи.

„Мисли глобално, делувај глобално“ беше пораката на Наум Михајловски, извршен директор и ко-основач на македонското студио за развој на игри Furious Avocado, со што ја потенцираше отвореноста на пазарот и можноста на малите студија да стигнат до соработка со издавачите на игри и да постигнат светски успеси.

Преку презентацијата на Лела Анастасова, сертифициран обучувач за Design Thinking и раководител на проекти во Innothink, учесниците се запознаа со концептот Design Thinking и како тој може да придонесе за развој на иновациите. Таа го промовираше и нејзиниот „Креативен водич“ што содржи корисни алатки, примери и идеи за користење на оваа методологија.

Смилјановски ја презентираше и бесплатната онлајн платформа за обуки „CreatINNES Academy“ која содржи две програми: „Претприемништво за фриленсери и старт-апи од креативната и културна индустрија“ и „Креативно размислување за развој на иновации“ преку кои може да се стекнат многу нови вештини.

Главната цел на настанот беше да се поттикне поголема примена на претприемништвото, креативноста и дигиталните вештини како еден од клучните фактори за развој на бизнисите и за поголем успех во секторот на креативна и културна индустрија. Тој е дел од програмата „CreatINNES”, финансирана од Европската Унија, преку програмата Еразмус+.

Македонската развојна фондација за претпријатија Скопје го организираше настанот заедно со Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски”, Машинскиот факултет – Скопје, Универзитет „Св.Кирил и Методиј“ и Македонското Научно Друштво – Битола.